Папата повика на молитва за Авганистан и Хаити

Папата повика на молитва за Авганистан и Хаити

По молитвата Ангел Господов во недела 15 август 2021 година, папата Фрањо се приклучи на еднодушната загриженост за ситуацијата во Авганистан и упати молитва за да престане татнежот на оружје. Папата се помоли и за населението на Хаити, кое беше погодено од силен земјотрес

Се придружувам кон еднодушната загриженост за ситуацијата во Авганистан. Ве молам, молете се со мене до Бог на мирот да престане татнежот на оружје и да се најде решенија на масата преку дијалог. Само на овој начин измаченото население во оваа земја – мажи, жени, стари лица и деца – ќе можат да се врати во своите домови, да живеат во мир и сигурност, со целосна взаемна почит.

Заедничката молитва „Радувај се Маријо“ на плоштадот „Свети Петар“ упати папата Фрањо за стотици жртви и илјадници повредени во земјотресот во Хаити, кој го опустоши јужниот дел на Карипскиот остров.

Во изминатите часови силен земјотрес го погоди Хаити, предизвикувајќи многу жртви, повредени и голема материјална штета. Би сакал да ја изразам својата блискост со ова драго население, кое тешко е погодено од земјотресот. Додека ја воздигам молитвата кон Бога за жртвите, ги упатувам моите охрабрувачки зборови до преживеаните, изразувам надеж дека меѓународната заедница сложно ќе ја покаже својата солидарност. Солидарноста може да ги ублажи последиците од оваа трагедија. Сега да упатиме заедничка молитва на Богородица за Хаити: Радувај се Маријо…

Папата Фрањо не пропушти да го честита празникот Успение на Пресвета Богородица:

Исто така, би сакал да ги поздравам оние што ги поминуваат овие денови на августовски одмор во различни одморалишта: им посакувам ведро расположение и мир. Меѓутоа, не можам да ги заборавам оние што не можат да заминат на одмор, оние што остануваат во служба на заедницата, како и оние што живеат во тешки услови, влошени од интензивната топлина и затворањето на некои услуги поради празниците. Мислам особено на болните, старите лица, затворениците, невработените, бегалците и сите оние кои се сами или погодени од тешкотии. Нека Марија ја распространи својата мајчинска заштита на секој од нив.

Ве поканувам денес да направите убав гест: појдете во едно од светилиштата на Марија за да ја чествувате Богородица; оние во Рим можат да појдат да се помолат пред иконата Salus Populi Romani (Спасение на римскиот народ) во базиликата Света Марија Велика.

На крајот папата Фрањо на сите им посака пријатна недела и среќен празник Вознесение, повикувајќи ги да не заборават да се молат за него.

Ватикан њуз/к.мк

Категорија: Ватикан, Вести

За авторот