Во пораката до младите луѓе собрани на конференција во катедралата „Свети Лоренс“ во Скала, на брегот Амалфи, Папата ги охрабри да се сеќаваат на сите жртви на конфликтот: сеќавањето на нив нека доведе до „решение на патот до помирувањето“.
Итноста во која се наоѓа светот соочен со војни и бројни луѓе кои секојдневно ги губат своите животи – деца, стари лица, млади, мажи и жени – бара средства за мир, бидејќи без мир нема живот, туку само смрт и уништување, спротивно на тоа Исус живее и сака младите да бидат живи – напиша папата Фрањо во пораката до младите од брегот на Амалфи, по повод средбата насловена „Средства за мир“, која се одржува во катедралата „Свети Лоренс“ во Скала, мал град недалеку од Салерно. Тој бара од нив да станат ходочесници на надежта и да сонуваат за праведен мир.
Да гради пријателство и братство
Папата Фрањо ги упати младите на три сигурни начела за да станат средства за мир, започнувајќи со исполнување на денот со гестови на мир кои можат да го осветлат секој момент, како гестови на служење, нежност и простување. Притоа, тој го спомна блажениот фра Жерар Сас, основачот и првиот Голем мајстор на Витезите од Малта и ги охрабри младите да го следат неговиот пример и да градат мостови на пријателство и меѓусебна солидарност.
Оружје како молитва
Освен тоа, потребно е – според зборовите на Папата – да молиме за мир со срцето. Тоа нека биде секојдневна обврска, собирајќи се заедно во моменти на евхаристиско обожавање. Затоа што молитвата – додаде тој – е многу ефикасно оружје кога човекот се чувствува немоќен пред драмата на светските сценарија. Затоа, треба повеќе да молиме за мир, за да може што побрзо да се постигне.
Ходочесници на надежта за праведен мир
На крајот Светиот Отец ги поттикна младите да живеат како ходочесници на надежта и никогаш да не се изморат сонувајќи за праведен мир и братство, бидејќи Божјиот сон е неговите деца да бидат сплотени и среќни, препознавајќи се како браќа. Затоа, повикот на Папата е да не се предаваме пред мислењето дека војната може да ги реши проблемите и да доведе до мир, бидејќи војната е секогаш пораз, срамно предавање на силите на злото. Затоа е неопходно да се потсетиме на сите жртви, кои никогаш не смеат да бидат заборавени. Споменот за нив конкретно нека нè отвори за да најдеме решение во сегашноста на патот до помирувањето – истакна папата Фрањо.
Ватикан њуз/к.мк