Традиционално, на празникот Свети Андреј, патронот на Цариградската црква, папата Фрањо испрати честитка до Вселенскиот патријарх Вартоломеј I, која беше предадена од кардинал Кох, претседател на Папскиот совет за унапредување на единството на христијаните, кој како Папски претставник го посети Истанбул, седиштето на Вселенската патријаршија.
Во пораката папата Фрањо повикува „да продолжиме со нашата посветеност да работиме за да го вратиме полното единство меѓу христијаните од Исток и Запад. Се придружувам на молитвата на Црквата во Цариград за одбележување на празникот на нејзиниот заштитник апостол Андреј, првоповиканиот, кој го следи Исус заедно со својот брат Петар“.
Папата истакнува дека „односите меѓу двете цркви се темелат главно на искрените гестови на взаемно уважување и почит, кои се плод на Светиот Дух и белег на вистински христијански живот. Нашата близина секој пат расте и се засилува, кога се потсетуваме на едното Крштение во кое сме обновени, едната вера, која оживува и единиот Свет Дух кој нè води, да се молиме еден за друг и да се молиме заедно како браќа“.
На крајот папата Фрањо истакнува дека „нашите врски созреваат кога во служба на посланието на Воскреснатиот Христос, го шириме евангелието на сите луѓе, лекувајќи ги болните; католиците и православните работат заедно за да ја навестат Радосната вест и да им служат на оние во потреба“.
Ватикан њуз/к.мк