Папата Фрањо денес полни 85 години

Папата Фрањо денес полни 85 години

Папата Фрањо деветти пат по ред го слави својот роденден како Петров наследник, зачувувајќи го стилот својствен на неговиот понтификат.

На 17 декември 1936 година, во аргентинската престолнина Буенос Аирес, во семејството на италијанските мигранти Марио и Реџина Марија Бергољо се роди првороденчето, кое го крстија на Божиќ на 25 декември, со име Хорхе Марио. Денес го знаеме како папата Фрањо, кој го слави својот 85. роденден.

Едноставност, внимателност за „невидливото“ и не фокусирање на себе. Ова се карактеристиките од животот на Папата, првиот во историјата од Латинска Америка и првиот Исусовец на Петровиот престол. „Моите луѓе се сиромашни и јас сум еден од нив“, рече во една прилика како надбискуп на Буенос Аирес на прашањето зошто останал да живее во скромен стан и претпочитал сам да готви.

Роденденот е ден на солидарност

Роденденот на Папата е вообичаен работен ден во Ватикан, кој сепак, секогаш е проследен со чувства на благодарност и скромност, како и со гестови на солидарност. На пример, во 2020 година Светиот Отец испрати 4 вентилатори за Венецуела. Во 2017 година, Папата доби честитки од децата кои примаат помош во педијатрискиот диспанзер Света Марта, кој работи во Ватикан, почестувајќи ги со голема торта. А во 2016 година го прослави својот 80. роденден со бездомници, поканувајќи на појадок во Домот „Света Марта“ неколку луѓе кои добиваат помош од Апостолската Милостилница и на крајот ги почести со аргентински слатки. Овој гест оттогаш се повторува во добротворните мензи во Рим: на 17 декември на гостите им се служи десерт во име на Папата.

Среќен роденден, Свети Оче!

Ватикан њуз/к.мк

Категорија: Ватикан, Вести

За авторот