Во проповедта на Светата Литургија прославена на Националниот стадион во Бангкок, папата Фрањо ги охрабри тајландските католици да излезат на улиците, да бидат ученици мисионери, исто како и првите евангелизатори, и да ги поканат сите браќа и сестри кои недостасуваат на Господовата трпеза. Меѓу нив има деца и жени изложени на проституција и трговија со луѓе; млади, робови на дрогата и бесмисленоста; мигранти лишени од своите домови и семејства, експлоатирани рибари и заборавени питачи
Излезете радосно за да го споделите новиот живот кој произлегува од евангелието со сите членови на нашето семејство кои сè уште не ги познаваме – со овие зборови папата Фрањо им се обрати на Тајланѓаните собрани на Националниот стадион Супачаласаи во Бангкок, на првата Света Литургија што се слави во таа земја. Покрај 40.000 верници кои нашле место на стадионот, други 20.000 луѓе Светата Литургија со Папата ја следеле на големите екрани поставени на блискиот стадион Техепхасадин.
Проповедта на Папата беше повик за 400.000 тајландски католици да станат ученици мисионери, да одлучат да бидат жив дел од семејството на Господ, и споделување со браќата кои тие сè уште не ги познаваат, како што направи Тој, милосрдниот и исцелителната прегратка на Бога Отецот со кого сме семејството.
Семе кое пред 450 години беше фрлено од само двајца мисионери
Папата ја спомна важната евангелизациска работа на првите мисионери кои дојдоа во Сијамското кралство, португалските доминиканци Јероним да Круз и Себастијао да Канто, убиени во 1569 година, пред 450 години. Овие двајца мисионери имаа храброст да го фрлат семето што денес ‘рти и расте во разновидноста на апостолските иницијативи кои придонесуваат за животот на нацијата.
Сто години подоцна, во 1669 година, во Сијам е основан Апостолски викаријат, а Апостолското патување на папата Фрањо е вклучено во таа 350-годишнина. Оваа годишнина не е носталгија за минатото – рече Папата – туку зрак на надеж за да може во сегашноста и ние да одговориме со еднаква решеност, сила и самодоверба. Тоа е радосен и благодарствен спомен кој ни помага радосно да излеземе за да го споделиме новиот живот кој произлегува од евангелието со сите членови на нашето семејство кои сè уште не ги познаваме.
Евангелието е бесплатно право за оние кои сакаат да слушаат
На денот кога во Црквата се спомнуваме на Воведувањето во храмот на Пресвета Богородица, Папата го коментираше делот од Евангелието по Матеј, кој зборува за прашањето на Исус од народ: „Која е мојата мајка, кои се моите браќа?“ , каде се осврна и на Неговиот одговор кој изненедува: “Зашто, кој ја извршува волјата на Мојот Отец, кој е на небото, е мојот брат и сестра и мајка.” Христос на тој начин ја соборува целата прекумерна желба на оние кои мислат дека можат да се пофалат со привелегирани права на Него – објасни Папата и додаде: Евангелието е повик и слободно право за секој што сака да го слуша.
Прашањата на Исус ги охрабруваат учениците за патување
Прашањата на наставникот сакаат да ги стават во криза, да ги протресат и да ги поканат учениците да одат на патување за да ја откријат вистината што е способна да дава и да создаде живот – објасни папата Фрањо. Тие сакаат секогаш да ги обновуваат нашите животи и животите на нашата заедница, со радост за која нема пари. Ова е токму она што им се случи на првите мисионери. Додека тие го слушаа Словото Господово и се обидоа да одговорат на Неговите барања, тие видоа дека припаѓаат на многу поголемо семејство од оние создадени со крв, култура, област или припадност на одредена група.
Без таа средба, во Црквата би недостасувала тајландската насмевка
Затоа тргнаа на пат за да ги побараат членовита на тоа нивно семејство, кои сè уште не ги познавале. Тие излегоа да ги бараат нивните лица; лицата на бројни тајландски мајки и браќа кои недостасуваа на нивната неделна трпеза. И не само заради тоа што можеа да им го понудат – објасни Папата, потсетувајќи се на соборскиот документ Деи Вербум – туку и заради сето тоа што требало да го добијат од нив за да растат во вера и разбирање на Светото Писмо. Без таа средба, на христијанството би недостасувало вашето лице; би недостасувале вашите песни и ора што ја претставуваат тајландската насмевка – истакна Папата.
Не плашете се да седите на маса со грешниците
Ние сме ученици мисионери кога, како Исус, не се плашиме да седнеме на маса со грешниците, да им гарантираме дека на Татковата како и на масата на целото создание местото е резервирано и за нив. Допирањето на оние кои се сметале за нечисти и дозволувајќи тие него да го допрат, им помогнало да ја разберат Божјата блискост; згора на тоа, да се блажени. Особено мислам за момчињата, девојчињата и жените изложени на проституција и трговија со луѓе, ранети по вистинско достоинство; на младите, робови на дрога и бесмисленост што им го замаглува погледот и ги уништува нивните соништа; Мислам на мигранти лишени од своите домови и семејства, како и на многу други кои се чувствуваат заборавени, сирачиња, напуштени – рече Папата.
Да не ги лишиме нашите заедници од лицата на последните
Оставени без сила, светлина и утеха на пријателство со Исус Христос, без заедница на вера која ги прифаќа, без хоризонтот на значењето и животот – појасни Папата и додаде дека тука мисли и на искористени рибари и заборавени питачи. Тие се дел на нашето семејство (…); да не ги оставаме нашите заедници без нивни лица, нивните рани, насмевка и живот и на нивните рани да не го скратуваме милосрдното помазание на Божјата љубов – поттикна Папата и на крајот истакна дека ученикот мисионер знае дека евангелизацијата не е собирање на согласности, ниту желба да се покаже моќен, туку дека таа е отворање на вратата за да живееме и со другите да ја поделиме милосрдната и исцелителната прегратка на Бог Отецот преку кој сме семејство.
Ватикан њуз/к.мк