Папата Фрањо: Данте, пророк на надежта и поет на милоста

Папата Фрањо: Данте, пророк на надежта и поет на милоста

Во Апостолското писмо „Candor lucis aeternae“ објавено na 25 март 2021 година, папата Фрањо се споменува на 700. годишнината од смртта на Данте Алигиери, истакнувајќи ја актуелноста, неминливоста и длабоката вера на „Божествената комедија“

И 700 години по неговата смрт, Данте Алигиери, кој починал во 1321 година во Равена, во болно прогонство од неговата сакана Фиренца, сè уште ни зборува. Ни зборува на нас, денешните мажи и жени и нè замолува да го прочитаме и проучиме, но исто така, пред сè, да го слушаме и да го следиме неговиот пат кон среќата, односно кон бесконечната и вечната Божја Љубов – напиша папата Фрањо во своето Апостолско писмо „Candor lucis aeternae“ (Сјајна вечна светлина), објавено на 25 март, на празникот Благовештение. Овој датум не е случаен. Имено, таинството на Воплотувањето, кое произлегува од „Еве ме“ на Марија – објасни Папата – е вистинско вдахновение и важна срж на целата Божествена комедија.

Апостолското писмо, поделено на девет точки, започнува со кратка дигресија на папата Фрањо за мислите на повеќе Папи за Данте. Бенедикт XV во 1921 година му ја посвети енцикликата „In praeclara summorum“ во која ја нагласува припадноста на овој фирентински поет кон Црквата, толку многу што тој го нарекува „наш Данте“, бидејќи неговото дело наоѓа големо вдахновение во христијанска вера.

Свети Павле VI во 1965 година, во Апостолското писмо „Altissimi cantus“, посочува колку „Комедијата“, е универзална, бидејќи ги опфаќа небото и земјата, вечноста и времето, и има преобразувачки крај, односно е во состојба радикално да го промени човекот и да го доведе од грев во светост. Папата Монтини го истакнува и „идеалот за мир“ изразен во ова дело на Данте, заедно со постигнувањето на слободата, која го ослободува човекот од злото и го води кон Бога.

Дваесет години подоцна, во 1985 година, свети Иван Павле II. нагласува уште еден клучен збор од „Божествената комедија“ – „трансхуманизација“, што му овозможува на човекот и божественото да не се откажуваат едни со други. Првата енциклика на Бенедикт XVI, „Deus caritas est“, објавена во 2005 година, ја истакнува оригиналноста на Дантевото дело, новина на љубовта која го поттикнала Бог да земе човечко лице и срце. Папата Фрањо ја спомна и својата прва енциклика „Lumen fidei“, објавена во 2013 година, во која го споменува Данте за да ја опише светлината на верата како „искра, пламен и ѕвезда на небото“ што сјае во човекот.

Нагласувајќи ја актуелноста и неминливоста на „Божествената комедија“, која – како што напиша – ја изразува длабочината на Божјото таинство и љубов со убавината на поезијата, папата Фрањо истакна дека таа е составен дел од нашата култура; нè потсетува на христијанските корени на Европа и Западот, претставува наследство на идеали и вредности што Црквата и граѓанското општество сè уште ги предлагаат денес како темел на човечкиот соживот за да можеме, и треба, сите да се препознаеме како браќа .

Данте никогаш не се предавал; според Папата, тој е пророк на надежта, затоа што со своето дело го охрабрува човечкиот род да се ослободи од темната шума на гревот за повторно да го најде вистинскиот пат и со тоа да ја постигне полнотата на животот во историјата и вечното блаженство во Бога.

Во документот, папата Фрањо исто така апелира делото на Данте подобро да се запознае и да се направи достапно и привлечно, не само за научниците, туку и за сите што сакаат свесно да го живеат својот животен и верски пат, прифаќајќи го дарот и обврската за слобода. Сепак, ова наследство – според Папата – не смее да остане ограничено во училиштата и универзитетските сали, туку треба да се запознава и да се шири преку вклучување на христијанските заедници, академските институции и културните здруженија.

к.мк

Категорија: Ватикан, Вести

За авторот