Папата Фрањо го прими украинскиот премиер Јацењук

Папата Фрањо во сабота, 26 април 2014 година во Ватикан го прими украинскиот премиер Арсениј Јацењук, кој се наоѓа во посета на Рим и имаше намера да биде присутен на канонизацијата на двајцата папи на 27 април, но поради тешката состојба во Украина одлучи да ја скрати посетата.

Во соопштението од Канцеларијата за печат при Светата Столица се наведува дека во контекст на добрите билатерални односи, Папата и премиерот на Украина разговарале за моменталната состојба во Украина и изразија надеж дека сите вклучени страни ќе соработуваат за повторно воспоставуање на политичка и социјална сигурност во целата земја, во склад со меѓународните закони.

Светиот Отец во повеќе наврати ја искажа својата загриженст за состојбата во Украина. Во својата воскресна порака Урби ет Орби го молеше Господ да ги „просветли и надахне иницијативите кои поттикнуваат мир во Украина, сите вклучени страни, со помош на меѓународната заедница, да ги преземат сите напори за да се спречи насилството и во духот на единство и дијалог да ја градат иднината на таа земја.

Премиерот Јацењук после приемот кај Папата разговараше и со државниот секретар, кардинал Пјетро Паролин и секретарот за односи со државата архиепископот Доминик Мамберти.

РВ/го*ко

Категорија: Ватикан

За авторот