Во сабота, 27 јануари 2024 година, папата Фрањо го прими Меѓународниот тим одговорен за Неокатекуменскиот пат: иницијаторот на Неокатекуменскиот пат, Кико Аргуело, отец Марио Пеци и Асенсион Ромеро. На аудиенцијата Папата даде поттик да се продолжи со ова дело на евангелизација, кое делува повеќе од педесет години
За време на аудиенцијата, која се одржа во Апостолската палата во Ватикан, одговорниот тим го информираше Светиот Отец за штотуку завршената светска конвивенција со повеќе од илјада итинеранти мисионери од 136 земји и ректори на 120 семинарии „Redemptoris Mater“.
Одговорните за оваа широко распространета црковна реалност, која настана во шеесеттите години на минатиот век во предградијата на Мадрид и која со тек на времето се прошири на пет континенти, му кажаа на папата Фрањи дека за време на конвивенцијата доживеале „неколку дена длабоко заедништво во Господа“ и дека „преку искуствата на итинерантите, тие ја видоа моќта на Светиот Дух како делува кај многу оддалечени луѓе од Црквата, кои се радуваат што ја сретнале Божјата љубов во Исус Христос“.
За време на аудиенцијата, Папата потсети и на коиницијаторката Кармен Хернандез, Божја слугинка, која почина во 2016 година. Папата Фрањо, според соопштението за печат од Неокатекуменскиот пат, „ се заблагодари и го охрабри Меѓународниот тим да продолжи со делото на евангелизација што го спроведуваат низ целиот свет, како и со семинариите „Redemptoris Mater“. “
Неокатекуменскиот пат ги започна своите активности во 1964 година со првите заедници кои беа основани во Мадрид. Според статистичките податоци од 2022 година, на светско ниво, Патот има 21.066 заедници, делува во 1.366 бискупии, 6.293 парохии, во 135 земји. Околу 1.900 теолози добиваат формација во 121 семинарија „Redemptoris Mater“ ширум светот, а до ноември 2022 година од овие семинарии вкупно се ракоположени 2.950 лица.
Ватикан њуз/к.мк