Претседателот Хигинс 25 минути разговараше со Папата. Во Државниот секретаријат, тој се сретна со кардиналот Паролин и надбискупот Галагер, со кои разговараше за безбедноста на храната и сиромаштијата, заштитата на животната средина, миграцијата и мултилатерализмот.
Разговорот меѓу папата Фрањо и преседателот на Ирска, Мајкл Хигинс, кого денеска, 19 октомври, го прими во аудиенција во Апостолската палата, траеше 25 минути. Претседателот потоа се сретна со државниот секретар кардиналот Пиетро Паролин и надбискупот Пол Ричард Галагер, секретар за односи со држави и меѓународни организации.
Разговор во Државниот секретаријат
Како што информираат од Канцеларијата за печат на Светиот Престол, во срдечниот разговор во Државниот секретаријат било изразено задоволство од добрите односи меѓу Ирска и Светиот Престол, а биле споменати и некои прашања од заемен интерес. Во продолжение на разговорот се зборувало за некои глобални прашања, како што се безбедноста на храната во земјите во развој и напорите за искоренување на сиромаштијата, заштитата на животната средина во светлината на објавувањето на апостолскиот поттик “Laudate Deum“, феноменот на миграцијата во сегашната деликатна геополитичка ситуација во светот, како и развојот на мултилатерализмот кој соодветно одговара на актуелната меѓународна ситуација – се вели во соопштението на Канцеларијата за печат на Светиот Престол.
Ватикан њуз/к.мк