Во Бискупската резиденција во Скопје на 31 мај 2018 година во 12.00 часот Апостолскиот нунциј во Република Македонија монс. Анселмо Гвидо Пекорари во присутност на Скопскиот бискуп и Апостолски егзарх, монс. Киро Стојанов и свештенството на Црквата во Македонија ја објави веста дека Светиот Отец папата Фрањо, досегашниот Апостолски егзархат во Македонија, кој е воспоставен 2001 година го воздигна во епархија под наслов „Успение на Пресвета Богородица во Струмица – Скопје“ за католиците од византиски обред во Република Македонија. Веста истовремнео е објавена и во Ватикан.
За прв Епарх на ново основаната Епархија го именува досегашниот скопски бискуп и апостолски егзарх монс. д-р Киро Стојанов, кој и натаму останува Скопски бискуп за католиците од римски обред во Македонија, а во исто време и Епарх за католиците од византиски обред.
Македонскиот апостолски викаријат е воспоставен во 1883 година и постоел до 1919 година. Помеѓу 1919-1923 година управата за католиците од источен обред во Македонија е доверена на грижа на латинскиот бискуп во Скопје. Од 26 октомври 1923 година македонските верници припаѓаат под надлежност на Крижевската епархија. Со Декрет на Конгрегацијата за Источни цркви од 3 јули 1972 година Скопско-призренскиот бискуп Јоаким Хербут е именуван за апостолски визитатор за католиците од источен обред во Македонија, иако тие de iure и понатаму припаѓале под надлежност на Крижевскиот владика. Светиот Престол во 2001 година го именува Скопскиот бискуп и за Апостолски егзарх во Македонија. Католичката црква од византиски обред во Македонија од 2001 година не е дел од Крижевската епархија.