Папата Фрањо ги охрабри студентите по теологија да дејствуваат против мафијашкото размислување

Папата Фрањо ги охрабри студентите по теологија да дејствуваат против мафијашкото размислување

Примајќи ги професорите и студентите од Теолошкиот факултет „Свети Павле“ од Катанија, Сицилија, на 6 декември 2024 година, папата Фрањо ги охрабри да бидат делотворни во црковниот и општествениот живот во земјата загрозена од мафијашки шпекулации и корупција. Исто така поттикна на братство со мигрантите и оние кои се помириле со болката: „Формацијата нека биде во служба на луѓето, на сиромашните, на последните“.

Во денешното обраќање до заедницата на Теолошкиот факултет „Свети Павле“ од Катанија, папата Фрањо истакна дека споменатиот факултет може да се смета за плод на Вториот ватикански собор, со оглед на тоа што е формиран во 1969 година. Тогаш бискупиите од Источна Сицилија решија да основаат единствено место за теолошко образование, кое се покажа како плодно и за свештениците и за монашките заедници и за мирјаните.

Светиот Отец ги охрабри да продолжат да одат заедно, нудејќи и понатаму богата формација, делотворна во црковниот и општествениот живот. „Кога зборуваме за заедништво, мора да го вклучиме и односот меѓу формативните структури, кои треба да станат лаборатории на заедништвото и посланието, вдахновени од теолошкото размислување“, додаде Светиот Отец и продолжи:

„Посланието на теолошките студии не може да го игнорира подрачјето во кое се наоѓа. Вие веќе во својата акдемска кариера ја искусувате црковноста, во различностите на звањата и даровите, како и истражувањето за нови начини на евангелизација. И тоа е знак на времето што треба мудро да се сфати, тоа е стил на соодговорност што денес го „вежбате“ и треба со зајакнување на сите харизми да се продолжи во животот на вашите Цркви“.

Во својот говор, папата Фрањо спомена дека „нивната земја, иако има прекрасна природна убавина, за жал е загрозена од мафијашки шпекулации и корупција кои го забавуваат развојот и ги исцрпуваат ресурсите, осудувајќи ги внатрешните подрачја на земјата да се иселуваат младите. На Сицилија и треба мажи и жени кои знаат да гледаат во иднината со надеж и кои знаат да формираат нови генерации за да бидат слободни и транспарентни во грижата за општото добро“.

Светиот Отец ги охрабри присутните студенти и раководството на Факултетот секогаш да знаат да сведочат дека културата и формацијата на теолошките студии се наменети да им служат на луѓето, сиромашните и најмалите. Како што рече, „многу мигранти доаѓаат во вашата земја, која отсекогаш била раскрсница на народите, а многумина остануваат и се интегрираат“. Затоа ги охрабри да бидат гостопримливи и креативни во братството: „Овој ангажман ќе биде поплоден ако знаете да разговарате со културите и религиите на другите медитерански народи, кои гледаат на иднината со надеж. Ве молиме, не гаснете ја надежта на сиромашните, особено на мигрантите!“, ги поттикна на крајот Светиот Отец.

Ватикан њуз/к.мк

Категорија: Ватикан, Вести

За авторот