Светиот Отец упати порака до учесниците на Маршот за живот во Соединетите Американски Држави, која беше прочитана на 19 јануари на Националното молитвено бдение за живот во базиликата на националното светилиште „Безгрешното зачнување“ во Вашингтон.
Папата го упати својот благослов како залог на сила и радост во Господа до сите кои учествуваат на Маршот за живот во Соединетите Американски Држави и до сите оние кои го поддржуваат со своите молитви и жртви.
Светиот Отец истакнува дека е длабоко благодарен за верното сведоштво кое низ годините јавно го искажуваа сите оние кои го промовираат и бранат правото на живот на најневините и најранливите членови на нашето човечко семејство.
Пораката е потпишана од државниот секретар на Светиот Престол, кардинал Пиетро Паролин, а е упатена до претседателот на Комитетот за pro-life активности на Конференцијата на католичките бискупи во САД, бискупот Мајкл Френсис Барбиџ.
Благодарност за „верното сведочење“
Римскиот бискуп истакна дека изградбата на вистинско праведно општество почива на почитување на светото достоинство на секој човек и прифаќање на секој како брат или сестра. Светиот Отец верува дека Семоќниот Бог ќе ја зајакне определбата на сите, посебно на младите, да истраат во напорите насочени кон заштита на човечкиот живот во сите негови развојни фази, посебно преку соодветни законски мерки кои се донесуваат на сите нивоа на општеството.
Маршот за живот е еден од најголемите протести што се одржува секоја година во Вашингтон. Тој беше организиран како одговор на одлуката на Врховниот суд од 1973 година со која се легализираше абортусот во целата држава.
Маршот за живот се разви со цел да се промовира убавината и достоинството на секој човечки живот, работејќи на запирање на абортусот – обединувајќи, едуцирајќи и мобилизирајќи ги луѓето кои се за живот.
Следни чекори
Националниот марш за живот се одржува на 20 јануари во Вашингтон, и тоа е прв марш за живот откако Врховниот суд на САД во 2022 година ја укина пресудата Роу против Вејд, со што ја отстрани уставната заштита за правото на абортус.
Новата одлука не го прави абортусот незаконски, туку го враќа овластувањето за регулирање на абортусот на секоја американска држава.
Во едно интервју за Vatican News, бискупот Бурбиџ рече: Сфаќаме дека нашата работа допрва започнува. Нагласувајќи дека заштитата на целокупниот човечки живот не значи само промена на законот, туку преобразување на срцата и умовите. Бискупот инсистира секој човек, секој Христов следбеник, секој верник да добие мандат: тоа се вика Евангелие на животот.
Тој мандат, рече тој, значи славење на животот. Да го негуваме тоа. Да го цениме тоа.
Ватикан њуз/к.мк