Папата Фрањо: Во центар треба да биде човекот, а не парите

Во недела 22 септември папата Фрањо престојува во пасторална посета на главниот град на Сардинија, Каљари. По свечениот дочек на аеродромот во Каљари, Папата со едноставен автомобил замина до езерото Карло Феличе каде се сретна со претсавници од работничката фела. По пристигнувањето Папата со возилото помина низ стотината илјади верници, кои воодушевено го поздравуваа. Во својот говор Светиот Отец зборуваше за проблемот на невработеноста, кој посебно е изразен на островот Сардинија. Осврнувајќи се на страдањата на невработените забележи дека тие имаат чувство дека им е „одземено достоинството“, а тие зборови на папата Фрањо беа поздравени со громогласен аплауз. Каде нема работа, нема и достоинството! – продолжи Папата. И тоа не е проблем само на Сардинија, не е проблем само на Италија или на некои европски земји, туку е последица на една одлука на светот, на еден економски систем, кој доведува до таа трагедија: економски систем кој во центар го става идолот кој се вика пари. Бог сакаше центар на светот да не биде идол, туку човекот, маж и жена, кој со својата работа го водат светот напред. Но сега во овој систем, во кој нема етика, во ценатрот е еден идол и светот се поклонува на тој „бог на парите“. Парите се тие кои владеат! Владеат со сите тие работи кои се служат со него, со тој идол! Жртва на тоа се старите, бидејќи во овој свет нема за нив место. Некој говорат за вообичаеноста на тивка евтаназија, не ги лекуваат, не се води грижа за нив… Жртви се и младите кои не наоѓаат работа, тие се лишени од достоинството. А свет во кој младите – две генерации на млади – немаат работа, тој свет нема иднина, бидејќи на тие млади им е одземено достоинството. Тешко е да се има достоинство без работа, рече Папата и спонтано додаде: Да се работи значи да се има достоинство, да се работи значи да се донесе дома леб, да се работи значи да се љуби.

За да се одбрани тој идолопоклонски економски систем, рече Светиот Отец враќајки се на својата тема, се воспоставува„ култура на отфрлање“, се отфрлаат старите лица, се отфрлаат младите. Мораме да кажеме „не“ на таа култура на отфрлање. Мораме да кажеме: сакаме праведен систем, систем кој ќе ни помогне сите да одиме напред. Мораме да кажеме: Не го сакаме овој глобализиран економски систем, кој ни нанесува големо зло. Во центар мора да се мажот и жената како што сака Бог, а не парите, истакна Папата и повика: Не дозволувајте да ви биде украдена надежта! Од присутните папата Фрањо се прости со спонтана молитва замолувајќи ги присутните во тишина да молат заедно со него: Идолите сакаат да ни го украдат достоинството. Неправедниот систем сака да ни ја одземе надежта. Господи, не оставај не сами. Помогни ни взаемно да си помагаме, дај да ја заборавиме себичноста и во срцето да слушнеме „ние“ народ кој сака да оди напред. Господи Исусе, ти имаше работа, дај ни работа и научи не да се бориме за работата и сите нас благослови нѐ, рече Папата во својата молитва.

Папата го прочита само првиот дел од неговиот говор, а потоа видливо погоден од сведоштвата на невработените работници, претприемачи и селани, спонтано се обрати на насобраното мноштво: Со оваа средба пред се сакав да ја искажам својата близина, посебно со оние кои се наоѓаат во тешка ситуација: големиот број невработени млади, лицата кои се невработени и се погодени од бедата и сиромаштвото, претприемачите и трговците кои мака мачат да одат напред. Тоа е реалноста, рече Папата, која добро ја познавам поради искуството кое го имав во Аргентина. Вистина е дека лично не ја познавам, но моето семејство ја познава; мојот татко во своите млади години дојде во Аргентина полн со сништа кои ќе се остварат во Аргентина. Ја доживеа страшната криза од 30-те години. Изгубиле сѐ! Немало работа! Како дете дома слушав за тоа… Јас не ја доживеав, тогаш не бев уште роден, но слушав кога дома се зборуваше за таа мака. Тоа ми е добро познато. Но морам да ви кажам: Само храбро! Но исто така сум свесен дека морам и да направам сѐ за да тој збор „храбро“ не биде само празна фраза. Тоа не смее да биде само пријателска насмевка на пријателски расположен службеник, службеник на Црквата кој доаѓа да ви каже храбро. Не тоа не го сакам! Јас сакам тие зборови да извираат од срце и да ме поттикнат сѐ да направам како пастир и човек. Со овој историски предизвик мораме сите заедно солидарно и разумно да се фатиме во костец, рече Папата.

К.мк/го*ко

Категорија: Ватикан

За авторот