Директорот на Канцеларијата за печат на Светиот Престол во среда 20 јули 2022 година пред новинарите ја презентираше програмата на патувањето, кое од 24 до 30 јули ќе биде покајничко ходочастие за Папата, со цел да се продолжи патот на помирување започнат во последните месеци со Метис, Инуитите и Првите нации, домородни народи погодени од политикта на културна асимислација во колонијалните времиња.
Тоа ќе биде „покајничко ходочастие“ –рече самиот Папа во своето пладневно обраќање во недела. Директорот на Канцеларијата за печат на Светиот Престол, Матео Бруни, ја истакна оваа посебна карактеристика на апостолското патување на кое Папата ќе биде од недела, 24 јули до 30 јули, за време на брифингот на кој на медиумите им беше претставено патувањето на Папата во Канада. Станува збор за долгоочекуваното патување кое произлегува од петте средби што Папата ги имаше на крајот на март и во април со домородното канадско население Метис, Инуити, Првите нации и Метис Манитоба, а чија цел е да се сретне и да ги прегрне овие заедници – како што објасни Светиот Отец во неговото обраќање во неделата.
„Да одиме заедно“
Неговото 37. Апостолско патување, со мотото „Да одиме заедно“, сака да даде придонес за започнатиот пат на исцелување и помирување со домородните заедници кои во минатото беа сериозно оштетени на различни начини, со политиките на културна асимилација на која учествувале многу христијани и членовите на верските институции. Поради оваа причина, патувањето нема да ја има типичната шема на Папски патувања, туку ќе биде целосно фокусирано на дијалог и слушање, близина и солидарност со канадското домородно население. По овој пат тргна и папата Иван Павле II. кога во септември 1984 година се сретна со Америндијците и Инуитите, присутни во Рим. На 22 јуни 1980 година е беатифицирана Катери Текаквита, која пак е канонизирана од папата Бенедикт XVI на 21 октомври 2012 година – првата домородна светица во Северна Америка.
Второ Апостолско патување на папата Фрањо годинава
Патувањето во Канада е второ Апостолско патување на папата Фрањо годинава, по посетата на Малта на 2 и 3 април и одложувањето, до нов датум, на патувањето во Демократска Република Конго и Јужен Судан – кое требаше да биде од 2 до 7 јули, а е одложено поради проблеми со десната нога. Папата Фрањо е вториот папа кој ќе ја посети канадската територија. Пред него имало три Апостолски патувања на Иван Павле II: 1984, 1987 и 2002 година. На покана на граѓанските, црковните и домородните заедници, папата Фрањо ќе тргне во недела во 9.00 часот од аеродромот Фиумичино и по десетчасовен лет и со временска разлика од 8 часа, ќе пристигне во градот Едмонтон.
Ватикан њуз/к.мк