Откако заврши со молитвата Ангел Господов во недела 27 февруари 2022 година Папата повторно апелираше за Украина, истакнувајќи дека обичните луѓе сакаат мир, но на своја кожа плаќаат за лудилото на војната; потребни се хуманитарни коридори за оние кои бараат спас. Тој ги спомна и конфликтите во Сирија, Етиопија и Јемен и посочи дека Господ е со миротврците, а не со оние кои користат насилство.
Овие денови бевме потресени од нешто трагично – војна. Многупати молевме да не се појде по тој пат. И не престануваме да говориме, туку напротив, уште посилно се молиме на Бога – рече Папата во пладневното обраќање по молитвата Ангел Господов. Војната која Русија ја започна во Украина ги прави уште поитни заедничката молитва и постот на Чиста среда, за да може да се врати мирот таму каде што беспомошните луѓе бараат спас или умираат, мајки кои се во бегство со своите деца… Ќе се молиме – повика Папата – за да се почувствувавме сите браќа и да измолиме од Бога крај на војната.
Оној што војува го заборава човештвото. Тој не поаѓа од народот, не гледа на конкретниот живот на луѓето, туку пред сѐ ги става интересите и моќта. Се доверува на ѓаволската и изопачена логика на оружјето, која е најоддалечена од волјата Божја, и се оддалечува од обичните луѓе кои сакаат мир; во секој конфликт, обичните луѓе се вистинските жртви, кои на своја кожа го плаќаат лудилото на војната – истакна Папата.
За постарите лица, децата, луѓето кои бараат засолниште, итно е потребно да се отворат хуманитарни коридори – предупреди Папата – тоа се браќа и сестри кои треба да се примат. Со скршени срца сме поради она што се случува во Украина – но и да не ги заборавиме војните во другите делови на светот, како Јемен, Сирија, Етиопија… Повторувам: нека замолчи оружјето! Бог е со миротворците, а не со оние кои користат насилство. Оние кои го сакаат мирот – рече на крајот Папата, цитирајќи го италијанскиот Устав – ја отфрлаат војната како инструмент за напад на слободата на другите народи и како средство за решавање на споровите.
Бројни Украинци, присутни со знамиња на плоштадот Свети Петар, беа поздравени од папата Фрањо на нивниот јазик: Хвала Ісусу Христу.
Ватикан њуз/к.мк