Папата Фрањо: Блаженствата – пат кон светоста и среќата
„Патот кон светоста е патот на среќата: тоа е патот минат од Исус и кој оди со Него ќе има вечен живот“. Тоа го рече Папата за време на Литургијата, која ја служеше на римските гробишта „Кампо Верано“ на празникот на Сите светци.
Папата положи бела роза на гробот на едно римско семејство, како знак на почит кон покојните во епархијата.
„Светците ни претходат во Царството небесно и нѐ придружуваат во земното ходочастие“. Со овие зборови папата Фрањо го повика секој верник христијанин да тргне по овој пат, за да достигне блаженство. „Тешко е да се разбере овој пат, бидејќи оди низводно, но Господ ни кажува дека кој ќе тргне по него е среќен“, истакна Папата.
„Блажени се бедните по дух, зашто срцето им е ослободено од световното и затоа се очекувани во царството небесно – објасни Светиот отец. Блажени се оние што плачат, бидејќи оној кој не вкусил тага и болка, никогаш нема да може да утешува“.
„Блажени се оние, кои се сочувствителни и кои можат да почувствуваат во срцето болка во сопствениот живот и во животот на другите. Тие ќе бидат среќни! Бидејќи нежната рака на Бог Отецот ќе ги утеши и ќе ги погали“.
„Ако, пак, сме нетрпеливи, нервозни, лелекаме и сме претенциозни, Евангелието ни кажува дека блажени се кротките, како мајките и татковците кон своите деца, иако се непослушни“.
„Исус го помина овој пат: од мал го позна прогонството и бегството; како возрасен искуси клеветење, стапици, лажни обвинувања во судот и го поднесе сето тоа со смиреност. Ги понесе нашите гревови до крстот, од љубов кон нас“.
„Блажени се гладните и жедните за правда кон ближните и кон себе – продолжи Папата. Тие ќе бидат нахранети, бидејќи се подготвени да ја прифатат правдата, која само Бог може да ја даде. Блажени се милостивите, зашто умеат да простуваат, не судат сè и сите, а се стремат да се ставаат во позиција на другиот“. „Секој човек има потреба од простување: да ја признаеме нашата грешност не е формализам, туку чин на вистина. И ако знаеме да пружиме прошка на другите, која ја сакаме за нас, тогаш ќе бидеме блажени“.
„Блажени се сејачите на мир, бидејќи се вистински чеда на Небесниот Отец, кој Го испрати на светот својот Син како семе на мирот за човештвото“, истакна на крајот папата Фрањо. „Не се среќни оние кои сеат раздор или кои бараат практични случаи за да мамат“.
„Ајде, по примерот на светците, да испросиме од Господ благодат да бидеме обични и смирени, благодат да знаеме да плачеме, благодат да бидеме кротки, благодат да бидеме правични и миротворци, а најмногу благодат да бидеме помилувани од Бог, за да станеме средства на Неговото милосрдие“.
РВ/В.Н.