Папата Фрањо: Бидете понизни и кротки за да ја победите омразата

Ватикан, 4.5.2013 /к.мк/ – Да бидеме понизни и кротки, за да го победиме ласкањето и омразата на светот. На тоа повика папата Фрањо на светата Литургија, во сабота 4 мај, во капелата на домот „Света Марта“ во Ватикан. Во проповедта Папата истакна дека патот на христијаните е патот на Исус и затоа не треба да се плашат од прогонството. На литургијата на која концелебрираше монсињор Лоренцо Балдисери, секретар на Конгрегацијата за епископи, присуствуваше и група од Швајцарската гарда.

Понизност и кроткост се средствата со кои располагаме за да се заштитиме од омразата на светот. Тоа го истакна Светиот Отец, кој го посвети своето размислување на борбата помеѓу љубовта Христова и омразата на кнезот на светот. Господ, потсети папата Фрањо, ни вели да не се плашиме, затоа што светот ќе не мрази, така како што го мразеше и Него:

„Патот на христијаните е патот на Исус. Ако сакаме да го следиме Исус, нема друг пат, туку само оној кој Тој ни го покажа. Една од последиците на тоа е омраза, омразата на светот. Светот го сака она што е негово. „Јас ве избрав од светот“: Исус нè избави од светот, нѐ избра нас, а тоа претставува чиста благодат! Со смртта и воскресението, тој нè ослободи од моќта на светот, од силата на ѓаволот, од силата на кнезот на светот. Нашето спасение е причина за омраза, бидејќи кнезот на светот не го сака нашето спасение“.

Затоа, истакна Папата, омразата и прогонството од првите години на Црквата продолжуваат се до денес. Денес има „многу прогонувани христијански заедници во светот, дури и повеќе отколку во првите векови: денес, сега, во овој миг и час“. Но зошто е тоа така?, праша Папата. „Бидејќи духот на светот нѐ мрази. Оттука и предупредувањето на Папата Фрањо:

„Со принцот на светот не може да се има дијалог и тоа треба да е јасно! Денес, дијалогот е неопходен кај нас, потребен е за мирот. Дијалогот е навика, тој е однесувањето што треба да го имаме меѓу нас, за да се разбираме и слушаме. Дијалогот се раѓа со милосрдието, со љубовта. Но со кнезот на светот не може да се води дијалог: треба да му одговориме само со Словото Божјо, кое нѐ заштитува од светот што нè мрази. И како што направи со Исус, истото ќе го направи и со нас“.

„Но со кое оружје ќе се заштитиме од кнезот на светот и неговите ласкања?“, праша Папата:

„Оружјето е тоа што беше употребено од Исус: Словото Божјо, понизноста и кроткоста. Да размислиме само за Христос, кога му удираат шлаканици: колку понизност и кроткост! Не одговара, само едно понизно и кротко прашање. Да размислиме за Христос за време на неговото страдање. Пророкот вели: „Како овца беше одведен на колење“ (Исаија, 53, 7). Не приговара ниту збор: понизност. Понизност и кроткост. Ова се оружја кои кнезот на светот и духот на светот не ги толерираат, бидејќи нивните предлози се предлози за светската власт, за суетата, предлози за лошо стекнати богатства!“.

Денес, продолжи Папата, „Исус нè тера да размислуваме за омразата која светот ја има против нас, против неговите следбеници“. Светот нѐ мрази, нагласи уште еднаш Папата, „бидејќи Исус нѐ спаси и нè избави“. На крајот Папата упати молитва до Дева Марија, за да ни „помогне да станеме понизни и кротки по примерот на Исус“. (В.Н.)

Категорија: Ватикан

За авторот

Write a Comment

<