Миграцијата не претставува опасност, туку предизвик за развој; вистинскиот пат е патот на интеграција, за кој треба да се разговара и на универзитетите, на тие места на дијалог во различностите – е главната мисла во говорот на папата Фрањо кој го одржа на римскиот универзитет Рома Тре.
Ова го истакна папата Фрањо на 17 февруари 2017 година на средбата со студентите, професорите и целиот персонал. Папата говореше без однапред подготвен текст и поттикна на конкретност пред флуидноста на општеството и економијата.
Прв пат папата Фрањо влезе во еден јавен римски универзитет и веднаш ја објасни својата замисла за универзитетот: тој е место на дијалогот во различностите. Предавајќи го подготвениот говор, Папата одговараше на неколку прашања кои му ги поставија студентите и говореше импровизирајќи. На поттик на една студентка, говореше за насилството, кое – според неговите зборови – се раѓа од малите работи, на улицата, во семејството, па и во нашиот говор. Денес има насилство во нашето изразување, во јазикот, дури забораваме да кажеме „добар ден“ – рече Папата.
Насилството е постапка која секој пат нѐ прави сѐ повеќе анонимни, ти го одзема името. Анонимни едни кон други. Ти го одзема името, па така и нашите односи помалку се безимени – рече папата Фрањо и објасни – Имам пред себе личност која има име, но те поздравувам како да си некој предмет. Таквиот однос тогаш расте и станува светско насилство. Никој денес не може да негира дека сме во војна, и таа Трета светска војна се води во делови – истакна Папата и предупреди – Треба да се намали тонот и да се зборува помалку и повеќе да се слуша.
Во светот во кој и политиката се понижила, губејќи го чувството за општествено градење и општествен соживот, главниот лек против секое насилство станува лекот на срцето кој знае да прима и тоа во дијалог кој приближува, во слушањето на другиот. Станува збор за трпението на дијалогот. А каде нема дијалог, владее насилство. И војните – според зборовите на Папата – започнуваат во нашето срце. Кога не сум во состојба да се отворам за другите, да ги почитувам другите, да разговарам со другите, да водам дијалог; таму започнува војната – истакна Светиот Отец.
Универзитетот напротив е место на кое може да се разговара, каде има место за сите, за секого со сопствениот начин на размислување. Други места, каде тоа не е така – рече Папата – не можат исто да се вреднуваат. Тоа се елитните универзитети, кои се т.н. идеолошки универзитети, на кои те поучуваат за одредени мисли, за идеолошката насока и те подготвуваат да бидеш претставник на таа идеологија. Тоа не е универзитет – истакна Светиот Отец. Каде нема дијалог, каде нема споредби, каде нема слушање, каде нема почитување за начинот на размислување на другите луѓе, каде нема пријателство, каде што ја нема радоста на играта, спортот, сето тоа заедно, нема универзитет.
Затоа Папата одговарајќи на прашање, студентите ги поттикна секогаш да го бараат единството, а тоа е целосно поинаку од поимот за изедначувањето. За да се изгради, потребна е различност, затоа што денес – според зборовите на Папата – постои опасноста, на светско ниво, да се замисли глобализацијата како унифицирање. Решението е во примерот земен од геометријата, во полиедарот. Постои повеќеслојна глобализација. Постои единство, но секој човек, секоја раса, секоја земја, секоја култура секогаш го задржува својот сопствен идентитет. А тоа е единството во различноста која глобализацијата треба да ја бара – рече папата Фрањо.
И во комуникацијата во овој момент владее одредена брзина – рече Папата. Толку брза, лесна комуникација често може да стане флуидна, без сила, а тоа е една од опасностите за оваа општество. Затоа мораме да го прифатиме тој предизвик флудноста да ја претвориме во конкретност.
Драмата на флудноста ја обележува и економијата, која повеќе не дава конкретна работа за нашите млади. И тоа се случува во Европа каде сѐ поголем е процентот на невработеност на младите помлади од 25 години– рече Папата и предупреди дека флуидноста на економијата ја одзема конкретноста на работата и културата на работата, затоа што кога младите немаат работа, не знаат што да прават. Заради тоа се искористувани, паѓаат во зависностите, се доведуваат до самоубиства или до влегување во некоја терористичка војска – рече папата Фрањо.
Конкретноста во економијата е потребна и во Европа, која се плаши дека би можела да го загуби сопствениот идентитет, ако дојдат луѓе со друга култура – рече папата Фрањо и истакна: Миграцијата не претставува опасност, туку предизвик за развој. Упатувајќи ги мислите токму на оние кои бегаат од Африка и Блискиот Исток, Светиот Отец истакна дека тие луѓе бегаат од војната и гладот. Но, кое би било идеалното решение? – праша и рече: Да нема војна и да нема глад, односно да се воспостави мир и на тие простори да се изврши инвестирање за луѓето да имаат средства за работа и можност да си заработат за живот.
Истовремено на моќниците на нашата планета, како и на криминалците кои се занимаваат со превоз на бегалци со мали чамци, заради што Медитеранот се претвори во големи гробишта, упати повик да не ги искористуваат. Присетувајќи се потоа на својата посета на Лампедуса, праша како да се прифатат бегалците кои секојдневно пристигнуваат? Најпрво – рече – треба да се прифатат како браќа и сестри, затоа што се луѓе како и ние. Потоа, секоја земја треба да разгледа колку луѓе може да прими. Вистина е не може да се прими ако не постои можност. Но, сите тоа го можат. А потоа, важно е да се прифатат тие луѓе и да се настојува да се интегрираат.
Тоа значи да се има отворена врата – рече Светиот Отец. Тие донесуваат една култура, која за нас е богатство. Но, и тие треба да ја примат нашата култура, да се разменат културите. Тоа значи почитување. И тоа – според зборовите на Папата – го отстранува стравот. Затоа е многу важна интеграцијата. Кога постои прифаќање, следење и интеграција, нема опасност од миграцијата. Се прима една култура и се нуди друга – истакна папата Фрањо.
РВ/к.мк
Не е дозволено преземање на оваа содржина или делови од неа за понатамошно користење во печатена, дигитална или било која друга форма за умножување без писмена дозвола од редакцијата на Католици.мк