Папата Фрањо упати апел до меѓународната заедница да не дозволи актуелниот конфликт да го изгладне најсиромашното население поради блокирањето на извозот на пченица од Украина, еден од најголемите светски производители на таа примарна прехранбена стока.
На крајот од Генералната аудиенција во среда 1 јуни 2022 година, папата Фрањо упати апел до меѓународната заедница да го реши проблемот со пченицата блокирана во украинските пристаништа поради војната.
Загрижувачка е блокадата на извозот на пченица од Украина, од која зависи животот на милиони луѓе, особено во најсиромашните земји. Силно апелирам да се вложат сите напори за да се реши ова прашање и да се гарантира универзалното човеково право на храна. Молам пченицата, таа основна храна, да не се користи како воено оружје! – рече Папата.
Ангажирање на Европската унија за пченицата
Во вчерашното интервју за италијанскиот дневен весник „Кориере дела сера“, Стефано Санино, генерален секретар на Европската служба за надворешни работи и на Министерството за надворешни работи на ЕУ, рече дека се работи на различни опции за да се спречи глобалната криза со храна: како да се успее да се извезат тони пченицата блокирана во Украина и како да се поддржи земјоделството и економијата на најзагрозените земји. Според неговото мислење, претпоставката на секретарот на Обединетите нации Гутереш, а за која се залага претседателот на Европскиот совет Мишел, предвидува користење на пристаништето во Одеса, но за да се направи тоа потребно е да се исчисти водата пред пристаништето од мини и да има придружба на бродовите. Со тоа би се избегнало прибегнување кон посложени решенија од политичка гледна точка, како што е транспорт на стоки преку Белорусија или преминување низ Полска, што ќе го продолжи времето.
Поддржете го развојот на африканските земји
Друго поле на ангажирање, иако не е веднаш спроведливо, е развојот на земјоделството во најсиромашните земји, особено во Африка. Според генералниот секретар, Европската унија работи на ова, заедно со Африканската унија, да воспостават планови за поддршка на земјоделството, но и комерцијализација и преработка на производите. Друг важен момент, додаде Санино, е пристапот до ѓубрива за да се најдат алтернативи за руските.
Ватикан њуз/к.мк