Во пораката до учесниците на дводневниот конгрес за наталитетот (Stati Generali della natalità), папата Фрањо истакна дека се работи за кратковидост доколку не се види проблемот со денаталитетот и дека треба да се посвети внимание на „генеративното сиромаштво“. Тој, исто така, поттикна да се промени правецот на демографската зима.
Итен општествен проблем – со овие зборови папата Фрањо зборуваше за проблемот со денаталитетот, прашање кое мора итно да се реши, бидејќи да се има малку деца, особено на Запад, ја загрозува иднината, значи осиромашување на иднината на сите. Папата ова го истакнува во пораката прочитана до учесниците на второто издание на Конгресот за наталитет, кој започна на 12 мај 2022 година во Рим, во организација на Фондацијата за наталитет и со придонес на Форумот на здруженија на семејства. Иницијативата се одржува под наслов „Може да се направи“.
Генеративна сиромаштија
Папата во својата порака укажа на егзистенцијалната периферија на Запад, неприметна, која не се забележува веднаш; се работи за оние кои сакаат дете, но не можат да го остварат тоа. Сонот за семејство кое исчезнува и ја спушта „скалата на желби“ за да ги задоволи просечните замени како што се работата, автомобилите, патувањата или љубоморното чување на слободно време.
Тоа е нова сиромаштво кое ме плаши – истакна Папата. Тоа е генеративната сиромаштија на оние кои се откажуваат од желбата за среќа што ја имаат во срцето, оние кои се помируваат со разводнување на своите најголеми аспирации, оние кои се задоволуваат со малку и престануваат да се надеваат на големи работи. Да, тоа е трагична сиромаштија, затоа што ги погодува човечките суштества во нивното најголемо богатство: да донесуваат животи во светот и да се грижат за нив и со љубов да се пренесува на другите добиениот живот.
Заедничка посветеност
Денаталитетот е проблем – напиша Папата – а кој не се соочува со тоа е кусоглед, што значи дека не сака да гледа далеку, напред. Тоа значи да се вртиме на другата страна, мислејќи дека проблемите се секогаш премногу слоевити и дека ништо не може да се направи. Во однос на традицијата, повторно треба да се нагласи дека „може“ – рече тој, спомнувајќи го насловот на собирот, кој – како што истакна – му се допаѓа. Можно е да се надеваме наспроти секаква надеж, на бројки кои се влошуваат од година во година. „Може да се направи“ значи да не се прифаќа пасивно дека работите не можат да се променат.
Драги пријатели, работите може да се променат ако работиме заедно без страв, надминувајќи ги едностраните интереси и идеолошките бариери. Затоа, се надевам дека на сите нивоа – институционално, медиумско, културно, економско и социјално – ќе се поддржат, промовираат и имплементираат конкретни политики насочени кон повторно поттикнување на наталитетот и семејствата.
Да се промени правецот на демографската зима
Единството е начин за справување со тешките прашања, имајќи предвид дека прашањето за наталитетот е прашање што не дели. Оттука и охрабрувањето на Папата до компаниите, банките, здруженијата, синдикатите, спортистите, актерите, писателите, политичарите, сите заедно да размислат како повторно да започнат да се надеваат на живот.
Податоците, предвидувањата и бројките се веќе познати на сите; потребна е конкретност. Време е да се дадат реални одговори на семејствата и младите; надежта не може и не смее да умре од чекање. Го молам Бог да ја благослови вашата посветеност. Јас сум со вас и навивам за вас, заедно да го промениме правецот на таа студена демографска зима. Може да се направи! – истакна на крајот папата Фрањо.
Ватикан њуз/к.мк