Папата: Треба да научиме да не ги осудуваме другите
За да можеме да бидеме милосрдни кон другите мора да бидеме храбри да се откриваме самите себе – рече Светиот Отец на 11 септември 205 година за време на претпладневна Литургија во капелата на домот Света Марта.
Папата рече дека треба да научиме да не ги осудуваме другите, инаку ќе бидеме лицемери. Од тоа сите треба да се чуваат започнувајќи од Папата – предупреди.
Потсетувајќи дека овие денови Литургијата поттикнува на размислување за христијанскиот начин на живеење обвиткан со чувствата на нежност, добрина, благост и едни со други да се поднесуваме. Папата рече дека Господ зборува и за награда: Не судете, па нема да ви се суди. Не осудувајте па нема да бидеме осудени. Можеме да кажеме дека тоа е многу убаво; секој би можел да каже дека е убаво, но тешко изводливо.
Што треба да се направи за да се тргне по тој пат? – праша Светиот Отец додавајќи дека на тоа прашање одговараат денешните литургиски читања. Првиот чекор е самите себе да се обвиниме. Да стекнеме храброст себе си да се откриваме пред да ги обвиниме другите. Павле му се заблагодарува на Господ што го избрал и го поставил во својата служба иако бил хулител, гонител и насилник, бидејќи Господ го помилувал – потсети Папата.
Свети Павле нè поучува да се обвинуваме самите себе. А Господ нè учи истото со сликата на трнот во братовото и гредата во сопственото око. Треба претходно да ја отстраниме гредата од сопственото око, да се обвиниме самите себе. Првиот чекор е самиот да се обвиниш, а не да бидеш судија и од туѓите очи да вадиш трн – истакна Папата.
Исусе се служи со истиот збор кој го користи само за дволичните, за лицемерите. Ако маж и жена не учат да се обвинуваат себе тогаш стануваат лицемери, сите тоа стануваат започнувајќи од самиот Папа. Ако некој од нас не е способен да се обвини себе, а потоа ќе каже, ако треба, туѓите слабости не е христијанин, не влегува во прекрасното дело помирување, носење мир, добрина, простување, великодушност, милосрдие кои ни ги донесе Исус Христос – рече Папата.
Првиот чекор, повтори Папата е од Бог да се моли милост за обраќање и да запрам кога ќе ми дојде на ум да размислувам за туѓите мани, кога сакам да зборувам за другите, за туѓите мани. А јас? Да собереме храброст која ја имал Павле: Бев хулител, гонител, насилник. Што сè можеме да кажеме за себе? Да ги поштедиме другите од своите коментари, самите себе да се коментираме! Тоа е првиот чекор на патот на великодушноста. Бидејќи оној кој единствено знае во туѓите очи да виде трн станува смешен, ограничен и полн со озборување – истакна Папата.
Да го молиме Бог за милост да го следиме Исусовиот совет: да бидеме великодушни во простувањето, да бидеме великодушни во милосрдието. За некој да се прогласи за свет треба постапка за прогласување на свет; се бара чудо, а потоа Црквата го прогласува за свет. Ако се најде некој човек кој никогаш не зборувал за другите би можел веднаш да се прогласи за свет – заврши Светиот Отец.
РВ/к.мк/Д.И.
Не е дозволено преземање на оваа содржина или делови од неа за понатамошно користење во печатена, дигитална или било која друга форма на умножување без писмена дозвола од редакцијата на Католици.мк