Папата со Вечерна богослужба ја затвори Молитвената осмина за единство на христијаните

„Многу старите спорови меѓу христијаните можат да се надвладеат ако ги оставиме настрана полемичките или апологетските пристапи и да настојуваме попотполни да го сфатиме она што нѐ соединува, односно нашиот повик да учествуваме во таинството на Очевата љубов која ни ја објавува Синот по Светиот Дух“, рече папата Фрањо во проповедта за време на Вечерната молитва во базиликата Свети Павле надвор од ѕидините, на празникот на обраќањето на Свети Павле. Вечерна со која заврши Милотвената Осмина за единство на христијаните. На молитвата беа присутни претставници на православните Цркви и англиканските заедници.

„Христјанското единство, во тоа сме уверени, нема да биде плод на високи теоретски расправи во кои секој настојува да го убеди другиот во исправноста на своето мислење. Синот Божји ќе дојде и ќе нѐ пронајде сеуште во расправи. Мораме да сфатиме дека сите сме меѓусебно потребни за навлегување во длабочината на Божјото таинство; треба да се сретнеме и да се огледаме едни во други под водството на Светиот Дух, кој ги уредува различностите и ги совладува судирите“, рече Папата.

Светиот Отец спомна како Исус, поминувајќи низ Самарија, не се срами да се сретне со лицата за кои Евреите ги сметаат за еретици и расколници. Неговиот, наш став, смета Папата, нѐ поучува како можеме да растеме по средбата со оние кои се поразлични од нас. Во средбата со Самаријанката на изворот, Исус повикува на „внатрешно преобраќање“. Неговиот пример нѐ поттикнува на средби со другите, на разбирање и раст во љубовта и вистината. Да се застане, да се прифати и да се слуша ближниот, на тој начин веќе го доживуваме искуството на единството. Единството се создава во од, рече Светиот Отец.

Средбата со Исус ја направи Самаријанката мисионерка; се враќа смислата и радоста во нејзиниот живот и таа ја чувствува потребата да го подели тоа со другите. Денес толку луѓе кои се уморни и кои се жедни бараат од нас, христијаните, да им дадеме да пијат. Тоа е молба пред која не можеме да побегнеме, истакна Папата и продолжи:

Во тој повик да бидеме евангелизатори, Црквите и црквените заедници ја откриваат привилигираната средина за поблиска соработка. За да бидеме во тоа плодоносни, мораме да престанеме да бидеме затворени во себе, исклучиви и да не ја наметнуваме едноликоста врз основа  на само човечки планови. Нашата заедничка предаденост на навестувањето на Евангелието ни овозможува да го надвладееме прозелитизмот и ривалството во сите облици. Сите сме во служба само на едно единствено Евангелие!

Папата во оваа прилика ја истакна важноста на „екуменизмот со крв“, тоа е сведоштвото на христијаните кои се прогонувани и убиени поради својата вера, без разлика на која Црква или заедница им припаѓаат. „Тие се христијани и поради тоа се прогонувани“, истакна Светиот Отец.

РВ/В.Н.

Категорија: Ватикан

За авторот