Папата: Собирајте богатства кои вредат на небесната берза

Богатството кое се собира заради самите себе е причина за војни, уништени семејства и губење на достоинството.Секојдневната борба е пак управување со добрата кои ги поседуваме, како и со добрата на земјата, за општо добро – рече Папата на светата Литургија на 19 јуни.

Богатствата не се како некоја статуа – во одредена смисла без влијание на човечкиот живот, туку имаат тенденција да растат, да се движат и да заземат место во човечкиот живот и срце. Ако изворот им е тенденцијата да се акумулираат, тогаш богатството ќе продре во срцето и ќе го расипe. Она што срцето го спасува е користење на богатството за општото добро – рече Папата.

Во денешниот дел од Евангелието, Исус поучува: „Каде што е богатството ваше, таму ќе биде и срцето ваше.“ Затоа предупредува: „Не собирајте богатства на земјата, каде што ги јаде молецот и р‘ѓата, и каде што крадците ги поткопуваат и крадат; но собирајте си богатства на небото.“ Во коренот на собирање богатства е стремежот за сигурност – призна Папата – но многу е голема опасноста богатството да почне да се собира заради самиот себе и поради тоа да се стане негов роб.

Богатствата на крајот не пружат вечна сигурност. Уште повеќе – рече Папата – го намалуваат достоинството на човекот, оставајќи многу семејства разделени. Истиот стремеж за собирање на богатства се наоѓа во коренот на војната. Во светот во овој момент се водат толку војни заради алчноста за моќ, за богатства.

Како што истакна Папата, можеме да размислуваме за војната во нашето срце и потсети дека Господ нè предупредува да се држиме далеку од секоја алчност. Таа ја отвора вратата на суетата – да се правиме важни, верувајќи дека сме моќни – а на крајот води во горделивост, од која произлегуваат сите пороци. Тие се со различни нивоа, но прва е алчноста, желбата за собирање богатства – објасни папата Фрањо.

Светиот Отец сепак е свесен дека собирањето на човековиот идентитет и дека делувањето и владеењето со земјата исто така е послание. Затоа треба секојдневно да се бориме за богатствата на земјата да ги искористуваме за доброто, за да ги насочиме кон небото, како би станале небесни богаства.

Кога Господ некој човек ќе го благослови со богатства, го прави да биде управител на тие богатства за општото добро, за доброто на сите, а не само за неговото сопствено. Не е лесно да се стане чесен управител, бидејќи секогаш постои искушението на алчноста, желбата да се стане важен. Светот на тоа нè учи и нè води на тој пат. Меѓутоа како што рече папата Фрањо мора да мислиме на другите, треба да имаме на ум дека она што го имаме е за служба на другите и ништо од сето тоа нема да можеме да понесеме со себе (кога ќе умреме). Меѓутоа ако го користам она што Господ ми го дал за општо добро, како управител, тоа ќе ме посвети, ќе ме направи свет.

Затоа треба да се прашаме: Каде е моето богатство? Во богатството или како со управувањето на тоа богатство да се служи за општото добро? Тоа е тешко – рече Светиот Отец – како играње со оган. Многу ја смируваат својата совест со милостињите и даваат од она што им преостанува. Таков не е вистинскиот управител. Вистинскиот управител зема за себе она што преостанува, а сето останато го дава на другите. Управувањето со богатствата значи постојано лишување од сопствените интереси и да не се мисли дека богатството ќе нè спаси. Може да се собираат богаства, но само ако имаат вредност – како што рече Папата – на небесната берза. За таму собирајте!.

РВ/Д.И.

Не е дозволено преземање на оваа содржина или делови од неа за понатамошно користење во печатена, дигитална или било која друга форма на умножување без писмена дозвола од редакцијата на Католици.мк
Категорија: Ватикан

За авторот