Папата служеше света Литургија за убиените копти

На светата Литургија, која ја служеше за дваесет и едниот коптски христијани, маченици за верата во Христа, папата Фрањо ја осуди способноста на човекот за зло и уништување. Тој исто така ги осуди “трговците на смртта“ и земјите вклучени во трговија со оружје.

„Ја служиме ова света Литургија за 21 наши браќа копти кои се заклани само затоа што се христијани. Да молиме за нив Господ да ги прими како маченици, за нивните семејства, за мојот брат Тавадрос кој многу страда.“Биди ми карпа на засолниште и цврста тврдина за спасение: затоа што ти си карпа и тврдина моја; води ме поради љубовта кон твоето име – рече Папата на почетокот на светата Литургија на 17 февруари во капелата на домот Света Марта по повод неодамнешното варварско погубување на коптските христијани.

Светиот Отец уште вчера оствари телефонски разговор со патријархот на Коптската православна црква Тавадрос II за да го изрази своето „длабоко сочувство во болката на Коптската црква“ заради тој трагичен настан. Папата вети дека ќе моли за жртвите и духовно се обединува со молитвите и страдањето на Коптската црква во текот на утринската Литургија следниот ден.

Способни сме да правиме големо добро, но и зло; да го уништуваме тоа што Бог го создал – истакна папата Фрањо во хомилијата на светата Литургија во капелата на домот Света Марта, поттикнат од денешните читања од Книгата Битие за општиот потоп. Од уништувањето на братствата настануваат војни и поделби и затоа Папата ги осуди „трговците на смрт“ кои продаваат оружје на сите земји со конфликти, само за да продлжи војната.

Во првите глави на Библијата наоѓаме многу примери во кои човекот ја покажува својата злобност – рече Папата. Тоа може да звучи „премногу негативно“, но тоа е вистина: љубомора, завист, алчност за сѐ поголема моќ… Земете ги весниците – било кои – и ќе видите дека повеќе од 90% се вести за уништување – рече Папата и потсети: „Од човечкото срце излегуваат сите злоби“ бидејќи „нашето слабо срце е рането.“ Секогаш постои „стремеж за автономија“: „Го работам тоа што го сакам и ако нешто сакам, тоа и ќе го направам! И затоа ако сакам да војувам, тоа и ќе го направам!“ – објасни папата Фрањо, додавајќи пример: Постојат земји кои продаваат оружје на сите страни во конфликт за војната да може да се продолжи. Таа „способност за уништување“ не доаѓа од некоја од страните, туку од нас – во себе го носиме тоа семе; таа можност. Но го имаме и Светиот Дух Кој нè спасува. Треба затоа да избираме – заклучи Папата – па и во малите работи.

Потоа Светиот Отец предупреди на озборувањето – и во парохиите и во заедниците. Овде се работи за завист и љубомора, а затоа и расипаност, способност за уништување која сите ја имаме – рече, додавајќи дека Црквата нè поттикнува во постот за тоа да размислуваме. Папата најде пример и во денешниот евангелски дел: учениците се расправаат, бидејќи заборавиле да земат со себе леб. Исус ги предупредува да се чуват од „квасот фарисејски и квасот Иродов,“ но учениците тоа не го сфатиле, бидејќи срцето им било тврдо заради страсти, заради злобата при расправањето за недостатокот на леб и да пронајдат виновник. Меѓутоа, човекот е способен и за големо добро – рече Папата наведувајќи го примерот на Мајка Тереза. Можеме да правиме големо добро, но и да уништиме – во мало и во големо. Заради тоа е неопходно постојано да размислуваме, молиме – за да не паднеме во злоба која сè уништува – предупреди папата Фрањо и продолжи:

Исус нè потсетува, денес ни зборува: Сети се на Мене Кој ја пролеав својата Крв за вас; сети се на Мене Кој ве спасив и Кој имам сила да ве поддржувам во одењето низ животот – не по патот на злобата, туку на доброто; правење добро за другите; не преку уништување, туку преку патот на градење: градење на семејствата, градот, културата, татковината – секогаш повеќе. Го молиме Господ денес пред почетокот на постот за милост со Негова помош секога правилно да го избираме патот и да не се прелажеме со заводливостите кои би нè одвеле по погрешен пат – поттикна на крајот Светиот Отец.

РВ/Д.И.

Категорија: Ватикан

За авторот