Папата служеше света Литургија во јорданскиот главен град Аман

Веднаш по пристигнувањето во Аман папата Фрањо ја посети кралската палата Ал-Хусеини каде е примен со сите почести од кралот Абдулах II. Во својот прв официјален говор на своето тридневно Апостолско патување во Светата Земја, Папата се потсетина воените бегалци посебно оние од соседна Сирија. „Ова земја пружи великодушно гостопримство на голем број бегалци од Палестина, Ирак и други кризни подрачја, посебно соседна Сирија, погодена од војната која трае веќе премногу долго. Тоа гостопримство заслужува почит и поддршка од меѓународната заедница,“ рече Папата во својот говор за време на посетата на јорданскиот крал.

Потсетувајќи на се она што Каритас и Црквата во Јордан го прават за да помогнат на бегалците, Папата веднаш го упати својот прв повик за мир: „Повикувам на продолжување на мировните напори во барањето на саканиот траен мир во целиот регион.“ Потоа се осврна на состојбата во Сирија: „Многу е неопходно и итно да се изнајде мирно решение за сириската криза како и праведно решение за израелско-палестинскиот конфликт.“

Во попладневните часови Светиот Отец ја предводеше својата прва Литургија во рамките на ходочастието во Светата Земја, а по повод 50 годишнината од средбата на Павле VI и патријархот Атенагора во Ерусалим. На преполнетиот стадион во главниот град кој може да собере 30.000 луѓе собраните го пречекаа доаѓањето на Папата со воодушевување. Светиот Отец помина помеѓу мноштвото со отворениот папамобил, посебно поздравувајќи ги децата. На Литургијата 1.400 деца примија прва Причест, а меѓу учесниците на литургиското славење присутни беа и многу бегалци христијани од Палестина.

„Колку само на светот му треба луѓе кои се сведоци на мирот. Тоа е неопходност која нашиот свет ја бара од нас: да носиме мир, да сведочиме мир“, рече Папата во својата проповед фокусирана на темата за мирот. Литургијата се слави недалеку од местото на кое Светиот Дух слегна врз Исус, откако Иван Крстител го крсти во реката Јордан. Меѓу делата на Светиот Дух, потсети Папата, се вбројува и „создавање согласност“ и „внесување мир во разни средини и меѓу различни луѓе.“ Различноста не смее да предизвика отфрлање и пречки, бидејќи различноста секогаш е збогатување. Поради тоа со искрени срца да го повикаме Светиот Дух и да го молиме да го подготви патот на мирот и единството, рече Папата во својата проповед повикувајќи ги сите да прават гестови на понизност, братство, простување и помирување. „Тие гестови се предуслов за вистински, цврст и траен мир“, додаде Светиот Отец.

Мирот не може да се купи: тој е дар кој треба трпеливо да го бараме и со голема умешност да го градиме, со мали и големи гестови кои ги правиме во секојдневниот живот. Мирот се зацврстува ако препознаеме дека сите сме исто виновни и дека сме дел од човечкиот род; ако не заборавиме дека имаме еден небесен Отец и дека сите сме Негови деца, создадени на Негова лик и подобие, рече Папата. На крајот од проповедта Светиот Отец ги поздрави сите присутни, а посебно христијаните бегалци од воените подрачја на Палестина, Сирија и Ирак.

На Литургијата верниците со Папата ја измолија молитвата за мир на Блискиот Исток.

РВ/Д.И.

Категорија: Свет

За авторот