Папата служеше Миса за покојните кардинали и епископи
Папата Фрањо, во понеделник, 3 ноември, во базиликата Свети Петар, служеше Миса за покојните кардинали и епископи. По тој повод во својата проповед зборуваше за христијанската вера во воскресението, за вистината која ја пронаоѓаме уште во Стариот Завет. „Сето божествено откритие е плод на дијалогот помеѓу Бог и неговиот народ, а верата во воскресението е поврзан со тој дијалог, која го следи патувањето на Божјиот народ во историјата“ – рече Папата, додавајќи: „Не изненадува фактот што за толку голема, толку решителна и толку надчовечко таинство како што е воскреснувањето било потребно многу време да се оствари, сѐ до Исус Христос.“
„Исус може да рече: ’Јас сум воскресението и животот’ – не само затоа што во Него тоа таинство беше потполно објавено – туку затоа што во него е и реализирана, актуелизирана; по прв пат дефинитивно и навистина се случи.“ Пасусот од Евангелието за празниот гроб, според Папата, „претставува врв на целото патување: токму воскресението, кое е одговор најдолгото барање на Божјиот народ, барање на секој човек и целото човeштво.“
„Секој од нас е повикан на тој настан. Повикани сме прво да бидеме под Исусовиот крст, како Марија, како војникот со копјето; да го слушаме Исусовиот повик, неговиот последен здив и на крајот тишината…; онаа тишина која трае до Велика Сабота. А потоа повикани сме да отидеме на гробот, да го видиме подместениот камен, да го слушнеме навестувањето ’Воскресна, не е овде!’ Таму е одговорот, таму е темелот, карпата. Не во ’убедливите зборови на мудроста’, туку во живиот збор на крстот и Исусовото воскресение“ – рече Светиот Отец.
Тоа го проповедува и апостолот Павле: Исус Христос распнатиот и воскреснатиот. „Ако не воскреснеше Исус, нашата вера ќе беше празна и залудна. Меѓутоа, Тој воскресна, односно, Тој е воскресението, затоа и нашата вера е исполнета со вистина и живот вечен“ – заклучи папата Фрањо, додавајки:
„Денес принесуваме евхаристиска жртва задушница за нашите браќа кардинали и епископи, починати во последниве дванаесет месеци. Нашата молитва е зајакната со чувствата и сеќавањата, со благодарноста за луѓето кои ги познававме, со кои ја делевме службата во Црквата… Небесниот Отец секого од нив ги гледа со милосрдна љубов,“ а Мајка Марија „посредува за своите сакани синови. Заедно со верницита на кои им служеле овде на земјата, можат да ја уживаат радоста на Новиот Ерусалим“ – рече на крајот од проповедта папата Фрањо.
Папата Фрањо претходниот ден се задржва во молитва, според традицијата за задушница, во криптата под главниот олтар на базиликата Свети Петар, пред гробовите на своите претходници. Молитвата започна во 18:00, со читање на Светото Писмо и со молитва за покојните, која ја молеше Светиот Отец. Папата потоа на момент во тивка молитва се задржа пред гробовите на наследниците на свети Петар, почнувајќи од гробот на самиот апостолски првак. Меѓу бројните капели посветени на светците, најсвето место е гробницата на свети Петар, која во IV век е изградена со дозвола од царот Костантин, на местото каде што верниците се поклонувале на вечното почивалиште на апостолот.
РВ/З.А.