Присуството на светците влева доверба дека христијанскиот живот не е недостижен идеал – рече папата Фрањо за време на Генералната аудиенција на плоштадот Свети Петар, продолжувајќи со серијата катехези за христијанската надеж.
Темата на денешната катехеза гласеше: „Светците – сведоци и придружници на надежта.“
Вистина е дека Бог е со нас во секој момент од нашиот живот, но исто така го спознаваме дискретното присуство и помошта на неговите светци „кои заминале пред нас обележани со знакот на верата“ – рече Светиот Отец. Токј истакна дека сме „опкружени со голем облак на сведоци“ како што сведочи Посланието до Евреите. Ние не сме сами, тука Црквата е составена од безброј браќа и сестри, често безимени кои заминале пред нас и кои со делувањето на Светиот Дух се вклучени во работите на оние кои сѐ уште се во живот.
Светците нѐ поддржуваат на нашиот поклонички пат, и нивното присуство ни дава доверба дека христијанскиот живот не е недостижен идеал – рече Папата и продолжи: И покрај нашите човечки слабости секогаш можеме да сметаме на Божјата милост и молитвите на светците кои нѐ поддржуваат во верата и надежта за преобразба на овој свет и исполнување на ветувањето на Христовото доаѓањето.
Папата Фрањо потсети дека во важните моменти од христијанскиот живот молиме за застапување на светците. На посебен начин тоа доаѓа до израз во светата Тајна Крштение. Го препорачуваме оној кој се крсти на заедницата на светците и веруваме дека Бог на новокрстениот му ги дава како придружници на неговиот пат. Светците на сите нас можат да ни помогнат да бидеме постојани на патот на верата и љубовта – рече Папата.
И при склопувањето на светата Тајна Брак се повикуваат светците, овој пат за брачниот пар – рече Светиот Отец и продолжи: Тој повик е извор на доверба за двајцата млади луѓе кои се даваат на „патот“ на брачниот живот. Кој навистина љуби, има желба и храброст да каже „засекогаш.“ Но, притоа тој човек знае дека му е потребна Христовата милост и помошта на светците – истакна папата Фрањо.
Светиот Отец потсети потоа дека Литанијата до сите светци го одбележуваат свештеничкото ракополагање. Оние кои се ракополагаат лежат на подот со лицето свртено кон тлото, додека заедницата ги повикува светците. Човекот под тежината на посланието кое му е доверено ќе биде смачкан кога не би чувствувал дека целото Небо стои над него, дека Божјата милост нема да му недостасува затоа што Исус секогаш е верен. Тоа му донесува мир, охрабрување и утеха, свесен е дека не е сам! – рече Папата.
Нека на сите нас Господ ни даде надеж да бидеме свети – рече Светиот Отец, напоменувајќи дека сите ние можеме да бидеме свети во секојдневниот живот. Да се биде свет значи да се извршуваат своите обврски целиот ден: да се моли, да се оди на работа, да се грижиш за децата. Но, сето тоа треба да го правиме со срце кое е отворено за Бог. (…) Можеме да станеме свети затоа што Господ ни помага – рече Папата.
Светоста е голем дар кој можеме да го дадеме на нашите ближни. Господ ни дава милост цврсто да веруваме во Него за да бидеме слика на Христос за овој свет. На нашата историја потребни и се „мистици“: луѓе кои одбиваат секој облик на доминација, барајќи љубов и братство. Ни требаат мажи и жени кои ќе ги носат товарите и маките на оние кои се во потреба и кои страдаат. Да нема такви луѓе, светот не би имал надеж – заврши папата Фрањо.
РВ/к.мк