Папата: Синодата треба да даде конкретни пасторални предлози

Папата: Синодата треба да даде конкретни пасторални предлози

Во говорот кој го одржа на почетокот на синодата, папата Фрањо посебна благодарност изрази до младите кои се огласија на различни начини и истакна дека синодата е момент за размена на мислења.

Вреди да се има Црквата како мајка, учителка, како дом, како семејство кое и покрај човечките слабости и тешкотии, блеска и ја пренесува вечната Исусова порака – истакна папата Фрањо во говорот одржан на 3 октомври 2018 година попладне на почетокот од Епископската синода посветена на младите. Вреди да се фатиме за коработ на Црквата кој иако поминува низ немилосрдни бури во светот и понатаму на сите им нуди засолниште и гостопримство; вреди да се слушаме едни со други; вреди да се плива против струјата и да се поврзаме со големите вредности: за семејството, верноста, љубовта, верата, жртвата, служењето, вечниот живот – истакна Папата.

Храброст за говор

Потсетувајќи дека синодата е момент за размена на мислења, Светиот Отец ги поттикна сите да зборуваат храбро, односно да зборуваат отворено вклучувајќи ја слободата, вистината и љубовта. Само преку дијалогот можеме да растеме – додаде Папата. Пристојната и транспаретната критика е конструктивна и помага, додека никако не помагаат бескорисните озборувања, гласините, површното заклучување или предрасудите. Храброста за говор – според зборовите на Папата – треба да одговара на понизноста за слушање.

Слободни за да го промениме уверувањето

Синодата треба да биде вежба за дијалогот. А првиот плод на тој дијалог – рече Папата – е секој да се отвори за новоста, за промена на сопственото мислење благодарение на она што го слушнал од другите. Да се чувствуваме слободни да ги прифатиме и сфатиме другите, и да ги промениме своите уверувања и ставови; тоа е знак на голема човечка и духовна зрелост.

Расудување, искреност и слушање

Синодата е црковна вежба за распознавање; искреноста во говорот и отвореноста во слушањето се важни за синодата да биде процес на распознавање – рече папата Фрањо и објасни: Распознавањето не е рекламно мото, не е ниту некоја организациска техника, а ниту мода на овој понтификат, туку внатрешно однесување кое се заснова на чинот на верата. Распознавањето е метода и истовремено цел која си ја поставуваме; се заснова на уверувањето дека Бог е на дело во историјата на светот, во настаните од животот, во луѓето кои се среќаваме и кои ни зборуваат.

Црква во слушање и во одење

Подготовката за оваа синода ѝ покажа на Црквата дека е должна да ги слуша и младите, кои во Црквата, често се чувствуваат не разбрани во својата оригиналност и неприфатени заради она што тие навистина се, а понекогаш дури и одбиени – рече Папата. Затоа синодата има можност, задача и должност да биде знак на Црквата која навистина слуша, која дозволува со оние кои се среќава да ѝ поставуваат прашања и која не секогаш има однапред подготвен одговор. Црква која не слуша е затворена за новостите, за Божјите изненадувања, и нема да може да биде веродостојна, посебно за младите, кои неизбежно ќе се одалечат наместо да се приближат.

Да се излезе од предрасудите и стереотипите

Првиот чекор во насока на слушањето е ослободувањето на умот и срцето од предрасудуте и стереотипите. Кога мислиме дека веќе знаеме кој е другиот и што сака, тогаш навистина тешко можеме сериозно да слушаме – рече Папата. Младите ги сметаат возрасните старомодни; возрасните пак младите ги сметаат за неискусни во спознанието за тоа какви се и најмногу какви би требало да бидат и како би требало да се однесуваат. Сето тоа може да биде пречка во дијалогот и средбата меѓу генерациите – предупреди Папата.

Старите луѓе се пулсот на цивилизацијата

Постарите треба да го надминат стремежот за потценување на способноста на помладите и негативното оценување. Младите пак треба да ги послушаат повозрасните и да не ги сметаат старите луѓе за нешто старомодно, застарено и досадно. Старите луѓе и покрај својата телесна кревкост, секогаш се сеќавање на нашиот човечки род, корените на нашето општество, пулсот на нашата цивилизација – истакна Папата и додаде: Да се потценуваат, омаловажуваат, да се затвораат во изолирани резервати или да се презираат, е показател на попуштањето на менталитетот на светот кој ги уништува нашите домови одвнатре. Занемарувањето на богатството од искуството кое секоја генерација го наследува и го пренесува на другата е чин на самоуништување – предупреди папата Фрањо.

Злото на клерикализмот

Светиот Отец потоа поттикна одлучно да се надмине злото на клерикализмот. Слушањето и напуштањето на стереотипите исто така е силен лек против опасноста од клерикализам на кој секој собир како овој – според зборовите на Папата – неизбежно е изложен. Клерикализамот е перверзија и коренот на бројните зла во Црквата; заради нив треба понизно да бараме простување и најмногу да создадеме услови тие да не се повторат.

Дај да процвета надежта

Нека синодата ги разбуди нашите срца! – истакна Папата и ги повика сите да не попуштат пред искушението на пророштвото за несреќа, туку цврсто да го свртат погледот на доброто кое често не е бучно, не е тема на блоговите и не стигнува до првите страници. На крајот поттикна од синодата да не излезе само некој документ, туку најмногу конкретни пасторални предлози кои можат да ја остварат задачата на самата синода, а тоа е да се родат соништа, да се пробудат пророштвата и виденијата, да процвета надежта, да се поттикне довербата, да се зацелат раните, да се воспостават односи, да се пробуди разденувањето на надежта, да учиме едни од други и да создадеме позитивно размислување кое го просветлува умот, го грее срцето, на рацете им ја враќа силата и ги вдахнува младите – сите млади, неисклучувајќи никого – за визијата за иднина полна со радоста на Евангелието – рече на крајот папата Фрањо.

Ватикан њуз/к.мк

 

Категорија: Ватикан, Вести

За авторот