На 26 јуни 2018 година, папата Фрањо се сретна со францускиот претседател Емануел Макрон и притоа разговарале за бројни теми како што се заштитата на животната средина, миграцијата и мултилатералното залагање за спречувањето и решавањето на конфликтите.
На 26 јуни 2018 година во Апостолската палата во Ватикан папата Фрањо го прими во аудиенција претседателот на Франција Емануел Макрон кој потоа се сретна со Папскиот државен секретар кардиналот Пиетро Паролин, и секретарот на Светиот Престол за односи со државите надбискупот Паул Ричард Галагер. Папата и францускиот претседател за време на разговорот ги спомнаа добрите билатерални односи меѓу двете земји и залагањето на Католичката црква за општото добро на Франција.
Тие разговараа за разни теми како што се заштитата на животната средина и мултилатералното залагање за спречување и решавањето на конфликтите, посебно во однос на разоружувањето. Исто така тие разменија ставови за бројните конфликти во светот имајќи ги на посебен начин вo предвид конфликтите на Блискиот Исток и во Африка. На крајот, го допреа и прашањето за перспективите на европскиот проект.
Почесен протоканоник на Латеранската базилика
По средбата претседателот Макрон во попладневните часови ја посети Латеранската базилика каде беше удостоен со титулата почесен протоканоник на латеранскиот капитул. Таму го пречека идниот кардинал Анџело Де Донатис, Папски викар за градот Рим, кој воедно е и архипрезвитер на базиликата Свети Иван Латерански и голем канцелар на Папскиот латерански универзитет, заедно со латеранските каноници.
На крајот додаваме дека спомнатата титула е поврзана со францускиот цар Хенрик IV (1553-1610) кој во 1593 година го отфрлил протестантизмот и го прифаќа католицизмот. Од тогаш француските владетели ја носат титулата почесен протоканоник на латеранскиот капитул. Освен тоа секој 13 декември на роденденот на Хенрик IV во таа римска базилика се слави света Литургија за среќа и благосостојба на Франција.
РВ/к.мк