Папата се сретна со тимот од серијата Chosen

Папата се сретна со тимот од серијата Chosen

Главниот актер од серијата Џонатан Руми и режисерот Далас Џенкинс се сретнаа со папата Фрањо во Ватикан.

Џонатан Руми, актерот кој го толкува ликот на Исус во серијата „Избрани“ (Chosen), по Генералната аудиенција во среда 11 август 2021 година се сретна со папата Фрањо, со што го исполни, како што рече, неговиот животен сон.

Американскиот актер го посети Рим за да ги разгледа поклоничките места поврзани со Евангелијата, а престојот во вечниот град го искористи и за да присуствува на Генералната аудеинција.

Во разговор за CNA, Руми по средбата со Светиот Отец рече: „Уште кога бев дете сакав да се сретнам со Папата и да присустввуам на Светскиот ден на млади, но никогаш не знаев како да го изведам тоа. Моите родители беа емигранти, така што и тие не знаеја како да ми помогнат“.

Актерот разговарал со Папата на шпански и побарал од Папата да се моли за него додека продолжува да го прикажува Исус во популарната серија.

„Очите му светнаа кога го кажав тоа“, рече Руми.

Заедно со него со Папата се сретна и режисерот на серијата, Далас Џенкинс, и му кажал на Папата дека е протестант, но дека снима серија за Исус „кого сите вери во светот го ценат“.

Џенкинс рече дека реакцијата на Папата малку го изненадила. Покажа со прст кон Џонатан и рече: „Дали е тој Исус?“ Јас одговорив „да“. Потоа рече: „Дали си ти Јуда“, а јас реков: „Не, не, не“, и тој почна да се смее“.

„Навистина ми се допаѓа неговата смисла за хумор и неговата прекрасна природа“, рече режисерот на серијата.

Говорејќи за своето поклочнико искуство во Рим, актерот Руми рече дека едно од „духовно најмоќните искуства“ за него е искачувањето по Светите скали, по кој го воделе Исус кај Пилат.

„Искачувањето по нив на колена … и влегувањето во капелата со моштите беше едноставно огромно чувство“, рече тој.

Серијата Chosen е достапна на Интернет потполно бесплатно, и веќе е преведена на 50 јазици. Планирано е да се снимаат седум сезони, а досега се објавени првите две.

к.мк

Категорија: Ватикан, Вести

За авторот