Веднаш по завршувањето на средбата со верските поглавари Светиот Отец се упати во дворот на НУ „Спомен куќа на Мајка Тереза“, каде се сретна со стотина сиромашни лица, за кои се грижат сестрите Мисионерки на љубовта.
Оваа средба започна со кратко обраќање на сестра Текла, која истакна: Предраги Свети Оче, Ви благодариме што дојдовте помеѓу нас. Се наоѓаме во Скопје, место кое на сите нас ни е посебно мило, бидејќи е родното место на големата светица, Мајка Тереза.
Ние сме сиромашни меѓу најсиромашните и како говореше Света Мајка Тереза од Калкута „Сиромасите се големи луѓе.“
Различни сме еден од друг по националност, јазик, раса и вера со болни и потресни искуства, но сите соединети во надеж; една човечка надеж, која бара достоинство и помош, но пред сѐ Божествена надеж која е жива во сите нас, Чеда Божји.
Се надеваме во Бога, во Неговото утешително слушање, помош и прошка и пред сѐ во Неговото вечно прифаќање.
Нема да заборавиме да се молиме за Вас и Вие молете се за нас. Ви благодариме.
Потоа Соња, самохрана мајка која најде прибежиште кај сестрите Мисионерки на милосдрието сведочеше за својот живот: „ Свети Оче, се викам Соња. Имам ќерка од 3 години, се вика Емили.
Во мојот досегашен живот, најголемата болка што можеше да ме пoгоди е да бидам самохрана мајка.
Отсекогаш си замислував дека еден ден ќе си имам фамилија и моите дечиња ќе израснат како што треба, со мајка и татко. Меѓутоа тоа не се случи, во мојот живот се случи пресврт, јас и моето штотуку породено бебе Емили бевме буквално избркани на улица од таткото на бебето.
Во најтешкиот момент од мојот и животот на ќерка ми, кога не знаев што ќе се случи со нас, Господ нѝ помогна…! Ни ги испрати чесните сестри Мисионерки на Љубовта, кои не примија во нивниот дом без разлика од која вероисповед сме (инаку јас сум од православна вероисповед).
Чесните сестри никогаш не настојуваа тоа да се смени или јас да ја променам верата. Тие се грижеа за нас, нѝ дадоа покрив над главата, разбирање и сѐ што требаше.
Кога бев препуштена сама на себе да одбирам дали да го донесам на овој свет моето бебе или дали да го абортирам, јас го одбрав животот, зошто чустував, знаев дека Господ е тука со нас, дека нема да не остави, дека мене ќе ми дава сила за да го издржам секој тежок чекор и дека моето дете ќе биде добро…!
Често си го повторувам тоа дека „да не беа чесните сестри којзнае што ќе се случеше со нашиот живот: мојот и на ќерка ми… Благодарам Свети Оче што дојдовте кај нас.“
Кон крајот на средбата Светиот Отец го благослови камен темелникот за Светилиштето Мајка Тереза, а потоа го подели својот апостолски благослов.