Бискупот Стојанов на Градските гробишта Бутел служеше света Литургија за покојните

Бискупот Стојанов на Градските гробишта Бутел служеше света Литургија за покојните

На Градските гробишта Бутел во Скопје, на празникот на Сите Светии, 1 ноември 2021 година, Скопскиот бискуп и Струмичко – скопски епарх монс. д-р Киро Стојанов служеше света Литургија за покојните. На светата Литургија со бискупот сослужуваа о. Марјан Ристов, бискупски канцелар, о. Паво Шекерија, парох во Скопската катедрала и дон Томаш Бак, парох во Куманово.

Во својата проповед бискупот Стојанов истакна дека овој ден е ден кој ни дава надеж и охрабрување дека ние, безначајните и непознатите, дури и грешните и несовршените луѓе, порадикално ги прифаќаме Божјите дејствија во нашите животи и дека со смирение ја спроведуваме Исусовата евангелска програма сумирана во доктрината на Блаженствата. Нека денешниот празник ни даде сила и светлина за, водени од сведочењето на толку многу безимени светци чии имиња се запишани во Книгата на животот, и ние одговорно да го живееме нашиот верен позив. Колку и да изгледа мала задачата што ни е доверена во човечки очи, таа е секогаш голема во Божјите, бидејќи тој е подготвен да нè награди со вечен живот за нашата секојдневна мала верност. Затоа, да го прифатиме и да го вселиме Него и Неговото слово во нашите животи, за да бидеме еден ден заедно со сите светии жители на вечната татковина, како што се наоѓаат нашите најмили кои овде почиваат и за кои денес ја упатуваме нашата молитва – рече бискипот во својата проповед.

На крајот од евхаристиското славење, кое се служеше на отворено, бискупот Стојанов ја измоли молитвата за сите покојни, посебно за оние кои почиваат на гробиштата.

Ватикан њуз/к.мк

Категорија: Вести, Македонија

За авторот