Папата се сретна со претставниците на Шведската академија

Папата се сретна со претставниците на Шведската академија

Папата Фрањо во петок 19 ноември 2021 година ги прими членовите на Шведската академија која редовно ја доделува Нобеловата награда и ги поттикна да се борат против културата на рамнодушност и постојано да ја бараат вистината.

Својот поздрав до членовите на Академијата Светиот Отец го започна со посочување како пандемијата ја стави на искушение нашата способност за дијалог со другите. Несомнено, продолжи Папата, тоа е резултат на долгите периоди на затворање и фактот дека целокупното искуство на пандемијата има големо влијание, често и несвесно врз луѓето.

Култура на рамнодушност

Сега станавме малку оддалечени од другите, повоздржани, поповлечени или едноставно помалку склони да се дружиме со другите, со задоволството да работиме еден со друг и да се вложува труд од кој се раѓа заедничко градење, истакна Папата.

Важно е да се препознае оваа ситуација, бидејќи таа ни се заканува на секој од нас како човечко суштество затоа што ја намалува нашата способност за односи и го осиромашува општеството и светот околу нас. Исто така, постои искушението дека таа несвесно игра улога во создавањето култура на рамнодушност, предупреди Светиот Отец.

Социјален дијалог – пат кон нова култура

Светиот Отец понатаму изрази уверување дека оваа загриженост ја делат и членовите на Шведската академија, за кои рече дека се во чекор со „пулсот“ на модерната култура. Сакам да го споделам ова прашање на социјалниот дијалог како кралски пат кон нова култура, рече Папата.

Распространетиот раст на социјалните мрежи доведува до искушение да се замени дијалогот со мноштво монолози, често со агресивен тон. Социјалниот дијалог, од друга страна, вклучува способност да се почитува туѓото гледиште, искрено и без измама.

Потрагата по вистината

Дијалогот не е синоним за релативизам, објасни Папата. Навистина, истакна тој, општеството е поблагородно секогаш кога ја негува потрагата по вистината и е вкоренето во основните вистини, а особено кога признава дека секое човечко суштество има неотуѓиво достоинство. За овој принцип може да се согласат и верниците и неверниците, рече Папата. Завршувајќи го обраќањето, Светиот Отец рече дека врз основа на тоа сме повикани заедно да промовираме култура на средба.

Ватикан њуз/к.мк

Категорија: Ватикан, Вести

За авторот