Папата се сретна со повеќе од 70 градоначалници на метрополи

„Различните градови ќе бидат оние кои ќе го поттикнат светот кон нов еколошки пристап. Ова го истакна Папата на средбата во Ватикан со повеќе од 70 градоначалници од целиот свет на тема посветена на новите форми на ропство и климатските промени.

На крајот од средбата, папата Фрањо и градоначалниците потпишаа заедничка декларација во која е вклучена темата посветена на климата како главен аргумент во новиот извештај за развој на Обединетите нации, на претстојната конференција за климата во Париз.

„Верувам искрено дека самитот во Париз ќе доведе до постигнување на фундаментален договор“: со овие зборови папата Фрањо ги поздрави градоначалниците од целиот свет, поканети во Ватикан на оперативна дебата по прашањата за климатските промени и трговијата со луѓе. Светиот Отец ја демонстрираше својата вера во позитивните резултати од претстојниот самит на Организацијата на Обединетите нации, во декември, во француската престолнина на тема посветена на климата. Папата зборуваше импровизирано и на шпански, упатувајќи ги своите препораки, повикувајќи ги Обединетите нации да се заложат сериозно во борбата против трговијата и експлоатацијата на човечки битија, поврзани со климатските промени.

„Треба да сфатиме дека проблемот со уништувањето на планетата, кој самите ние го создаваме, е поврзан со недостатокот на еколошка свест, која ни беше дадена на почетокот“, истакна Папата, кој ги повика градоначалниците да станат „мотори на совеста“:

„Светиот Престол, или која и да е друга држава може да одржи одличен говор пред Обединетите нации, но ако напорот не тргне од периферијата кон центарот, не може да се постигне никаков ефект“.

Да се грижи за животната средина, рече Папата, значи да ја прифатиме линија на однесување на „екологијата за човекот“. Како и во својата енциклика „Лаудато си“, папата Фрањо, објасни дека не може да се оддели човекот од животната средина, дека последиците се за човекот, кога животната средина е третирана лошо. „Лаудато си“ не е енциклика за екологијата, туку е социјална енциклика, истакна Папата. Кога не се одржува животната средина, градовите се шират неразмерно со предградија на сиромаштија и беда, делумно и поради миграцијата од руралните средини, кои не нудат нови можности.

Како во својата енцикликата, „Лаудато си“, папата Фрањо го осуди повторно „идолопоклонството на технократијата“, чии сериозни последици се губењето на работни места и ја изрази својата загриженост за огромните димензии на невработеност меѓу младите луѓе под 25 години, која во некои европски земји, достигнува до 40 или дури 50%. „Што останува на оваа младина, освен зависност од дрога, самоубиства или барање на нови хоризонти“. Папата Фрањо зборува за ретки болести предизвикани од вештачките ѓубрива, или од воведување на нови технологии, го осудува претворањето зелените дробови на планетата во пустина, предизвикано од сечата на шумите, го објаснува односот на феноменот на миграцијата со недостатокот на работа, како и трговијата со луѓе, сѐ почесто, подложени на нелегална работа, без договор, без приход, доволен за опстанок и како сето тоа го поттикнува криминалот, како во големите, така и во малите градови“.

Папата ги повика на „дијалог и акција“ локалните администратори, како и за „солидарност меѓу генерациите“. По двете сведоштва од Мексико на млади жртви на трудот и на сексуалното ропство, градоначалниците говореа за нивните предизвици и успеси.

РВ/В.Н.

Не е дозволено преземање на оваа содржина или делови од неа за понатамошно користење во печатена, дигитална или било која друга форма на умножување без писмена дозвола од редакцијата на Католици.мк
Категорија: Ватикан

За авторот