Папата се сретна со бискупите пријатели на Фоколарините
Тероризмот, прогонствата врз христијаните и другите малцинства, секуларизмот и фундаментализмот се само дел од предизвиците кои нѐ поттикнуваат, со обновен жар, постојано и упорно да ги бараме патиштата кои водат кон единство на христијаните. Меѓу нив Евхаристијата е главниот пат, истакна папата Фрањо, говорејќи пред учесниците на 33. екуменска средба на бискупите – пријатели на Движењето на фоколарините, кои ги прими на аудиенција во петок 7 ноември 2014 година.
Љубовта кон Божјото Слово и желбата животот да се усогласи со Евангелието, во различните Цркви и црковни заедници создава „цврсти пријателства и моменти на нагласено братство“. Спомнувајќи го тоа важно искуство, Папата, ги поттикна присутните, секогаш да бидат внимателни на знаците на времето, да молат од Господ „дар на взаемно слушање и послушност на неговата волја“.
Тоа братство е светол и привлечен знак на нашата вера во воскреснатиот Христос. Ако како христијани сакаме да одговориме на големите предизвици и драми на нашево време, тогаш мораме како браќа да говориме и делуваме и на тој начин сите да можат да го препознаат нашето братство, истакна папата Фрањо, додавајќи дека со глобализацијата на солидарност и братство може да се одговори на глобализацијата на рамнодушност.
Недостатокот на вистинска верска слобода во разни држави, како и прогонствата на христијаните и другите малцинства, жалната појава на тероризмот и драмата на бегалците, предизвикана од војната и други причини, фундаментализмот и нагласениот секуларизам се голем предизвик за совеста на христијаните и пастирите, истакна Папата.
Тие предизвици се повик за барање на патишта кои водат кон единство. А меѓу тие патишта, Евхаристијата, како света Тајна на заедништвото, претставува главен пат. Во Евхаристијата јасно чувствуваме дека единството претставува воедно и дар на одговорност, голема одговорност, заклучи на крајот Светиот Отец.
РВ/В.Н.