Папата се надева дека ќе ја посети Турција за годишнината од Никејскиот собор

Папата се надева дека ќе ја посети Турција за годишнината од Никејскиот собор

Папата Фрањо се сретна со делегацијата на Цариградската Вселенска патријаршија и изрази надеж дека следната година ќе ја посети Турција по повод 1700-годишнината од Никејскиот собор, првиот вселенски собор.

„Тоа патување сакам да го направам со целото мое срце“, рече Папата на делегацијата која е во Рим по повод празникот Свети Петар и Павле, патрони на Црквата во Рим. Секоја година делегацијата на Католичката црква возвраќа со посета на Истанбул по повод празникот Свети Андреј.

Во неговото обраќање, Папата ја изрази својата радост поради искуството на „радост од братската средба“ и можноста да биде сведок на „длабоката врска“ што ги обединува двете Цркви и „цврстата одлука заеднички да напредуваат“ во обновувањето на единството помеѓу нив. Светиот Отец потсети и на бројните средби со актуелниот вселенски патријарх Вартоломеј I, нагласувајќи ја нивната средба во Ерусалим во 2014 година по повод 50-годишнината од историската средба на папата Павле VI. и Атенагора I.

Истакнувајќи ја посветеноста на „заедничкиот пат“ кон полно единство, Папата рече дека „дијалогот меѓу нашите Цркви не претставува закана за интегритетот на верата; туку е неопходност која произлегува од нашата верност кон Господа и нè води до целата вистина преку размена на дарови и под водство на Светиот Дух“.

Папата Фрањо потсети и на церемонијата во ватиканските градини веднаш по средбата во Ерусалим, кога заедно со патријархот Вартоломеј ги прими претставниците на Израел и Палестина „да повикаат за мир во Светата Земја, на Блискиот Исток и во целиот свет“.

„Актуелните случувања ни ја покажаа неопходноста и итноста од заедничка молитва за мир за да заврши војната, водачите на народите и конфликтните страни повторно да го откријат патот на договор и сите страни да се препознаат меѓусебно како браќа и сестри“. Овој повик за мир се однесува на сите конфликти, истакна Папата, посебно за актуелната војна во Украина.

„Во време кога толку многу мажи и жени се заробеници на стравот за иднината, Црквата има задача секогаш, секаде и секому да навестува дека Исус е „нашата надеж““, истакна Папата. Токму тоа го отсликува мотото на претстојната јубилејна година „Ходочесници на надежта“, а Светиот Отец ги покани Источните православни цркви да ја „придружуваат и поддржат“ Светата година со своите молитви, „да не изостанат обилните духовни плодови. Своето обраќање го заврши со молитва Господ да им даде сила за да продолжат по патот што Тој го покажува, „кој е секогаш пат на љубов, помирување и милосрдие“.

Ватикан њуз/к.мк

Категорија: Ватикан, Вести

За авторот