Папата се моли за малиот Алфи Еванс и неговото семејство

Папата се моли за малиот Алфи Еванс и неговото семејство

Папата Фрањо реагираше со твитер порака на болната приказна за малиот Алфи Еванс, 23 месечното момче од Англија кое се наоѓа во кома, а е сместен во детската болница Alder Hey во Ливерпул.

Имено докторите сакаат да му ја отстранат механичката вентилација која го одржува во живот. Светиот Отец во својот твитер порака истакна: Искрено се надевам дека ќе се направи сè што е неопходно за сочувствително да се продолжи да се придружува малиот Алфи Еванс и дека ќе се слушне длабокото страдање на неговите родители. Се молам за Алфи, за неговото семејство и за сите вклучени личности.

Случајот потсетува на двете момчиња од Англија, Чарли Гард и Исајах Хаструп кои починаа на 28 јули 2017 година, односно 7 март 2018 година. Алфи боледува од непозната болест на мозокот која лекарите ја сметаат за неизлечлива и дегенеративна. Лекарите се обратија до англискиот Висок суд барајќи отстранување на механичката вентилација. Судот на 6 март оваа година одреди да се отстрани апаратот на детето врз основа на ставот на лекарите од болницата Alder Hey, според кој понатамошното одржување во живот на Алфи е нечувствително, нечесно и нехумано.

Според британскиот печат спроведувањето на судската одлука би можело да се случи уште утре. Родителите на Алфи, Томас и Кејт покренаа правна борба за одржување на Алфи во живот. Британскиот Врховен суд ја потврди одлуката на Високиот суд, а и Европскиот суд за човекови права во Стразбур ја одби нивната жалба. Неговите родители бараат Алфи да се префрли во друга болница, без разлика дали во Велика Британија или во странство, која е подготвена да испроба експериментални терапии. Но како и во случајот со Чарли Гард лекарите го одбија тоа барање.

Голем број луѓе од целиот свет се здружија преку молитви, петиции, протести и преку социјалните мрежи да ја поддржат нивната борба. Родителите на Алфи побараа од папата Фрањо да реагира и Светиот Отец повика да се слушне нивниот крик на болка. Папата исто така реагираше и во случајот на Чарли Гард повикувајќи ги лекарите да го следат и лекуваат детето до самиот крај истакнувајќи дека да се штити човечкиот живот, посебно кога е ранет од болест, претставува обврска на љубовта која Бог му ја доверува на секој човек.

РВ/к.мк

Категорија: Ватикан, Вести

За авторот