Папата: Свештениците се повикани на ентузијазам, великодушност и близина, без да се штедат себеси

Папата: Свештениците се повикани на ентузијазам, великодушност и близина, без да се штедат себеси

На празникот на Пресветото Срце Исусово, петок 27 јуни 2025 година, папата Лав XIV служеше света Литургија во базиликата „Свети Петар“, на која ракоположи 32 нови свештеници, со што се заокружи Јубилејот посветен на свештениците. Папата ги охрабри новоракоположените да ја постават Евхаристијата во центарот на нивниот живот, да го практикуваат милосрдието, да се грижат за Божјиот народ и да го поттикнуваат единството во Црквата.

„Ќе го посветите ли целиот свој живот на свештеничката служба, достоинствено и мудро вршејќи ја служба на словото, побожно и верно славејќи ги Христовите таинства, постојано молејќи за божествена милост за доверениот Божји народ и сè повеќе соединувајќи се со Христос?“ – беа прашањата кои Папата им ги упати на 32-цата ракоположени свештеници, меѓу кои имаше од Хрватска, Италија, Индија, Шри Ланка, Романија, Централноафриканската Република, Свети Винсент и Гренадини, Камерун, Ангола, Виетнам, Етиопија, Танзанија, Гана, Нигерија, Јужна Кореја, Мексико, Уганда, Австралија, Папуа Нова Гвинеја, Бразил, Украина и Словачка. Проповедта на папата се фокусираше на улогата на свештеникот да го направи присутно таинството на Воплотувањето, Страдањето и Воскресението Христово, како дел од делото на спасението.

Евхаристијата – извор на живот и единство

На празникот Пресветото Срце Исусово и 29-от Светски ден на молитва за посветување на свештениците, востановен од иван Павле II во 1995 година, папата Лав XIV ја предводеше светата Литургија, на која ја подели светата Тајна свештеничко ракополагање, со што заврши Јубилејот на свештениците. Тој ги охрабри свештениците да ја стават Евхаристијата во центарот на својот живот, да не ја забораваат молитвата, да се грижат за Божјиот народ, да практикуваат милосрдие и, пред сè, да го поттикнуваат единството во Црквата од кое можат да произлезат плодовите на мирот.

Да не ве заведат недоследни модели

Папата ги поттикна новите свештеници да се вдахновуваат од светлите примери на свештеничката светост – маченици, апостоли, мисионери и застапници на љубовта. „Проучувајте ги нивните животи, наследувајте ги нивните доблести, дозволете нивната ревност да ве запали, а нивното застапништво нека ви биде постојана поткрепа,“ рече тој.

„Светот нуди недоследни модели на успех и престиж – не дозволувајте да ве заведат. Наместо тоа, следете го тивкото, но плодно апостолство на оние што му служеле на Господ со вера и посветеност,“ истакна Светиот Отец.

Молитва, Свети Тајни и милосрдие – темели на свештеничката служба

Коментирајќи ги читањата од пророкот Језекиил и апостол Павле, Папата нагласи дека љубовта Божја е универзална и дека не остава место за поделби и омраза. Потсети дека Господ никогаш не нè напушта и нè повика на соработка со Него преку: ставање на Евхаристијата во центарот на животот, често примање на Светите Тајни, особено Исповедта, молитва, размислување за Божјото слово и практикување на милосрдието.

Пастирска љубов и грижа за изгубените

Осврнувајќи се на евангелието според Лука, Папата зборуваше за радоста на Бог за секоја пронајдена овца. Тој ги охрабри свештениците да љубат како што љуби Отецот: да простуваат, да ги бараат изгубените, да се грижат за телесно и духовно ранливите и да бидат носители на Божјата љубов што извира од Христовото прободено срце.

Спомнувајќи ја енцикликата Dilexit nos на папата Фрањо, папата Лав XIV ја истакна Христовата љубов како река што никогаш не пресушува, извор на едно ново човештво.

Единство како сведоштво за светот

Папата ги повика свештениците да се залагаат за единство, како меѓусебе така и со епископот, бидејќи токму преку тоа ќе можат да сведочат за присуството на Добриот Пастир. Единството, рече, носи плодови на заедништво и мир, потсетувајќи на зборовите на свети Августин: „За вас сум епископ, а со вас сум христијанин.“

Послание на помирување и мир

Папата уште еднаш ја истакна својата желба за обединета Црква, која ќе биде квасец на мир и хармонија во светот. „Помирени, преобразени од Христовата љубов, одиме по неговите стапки, носејќи го мирот на Воскреснатиот, со таа слобода што доаѓа од спознанието дека сме сакани, избрани и испратени од Отецот,“ рече тој.

Да се биде блиску до народот Божји

На крајот, папата им даде практични совети на новите свештеници: „Љубете Го Бог и своите браќа, бидете великодушни, ревносни во славењето на светите Тајни и во молитвата, особено во обожавањето. Бидете блиски до вашето стадо, посветете му се безрезервно, не правете разлики. Така нè учи Распнатиот и примерот на светците.“

И додаде: „За да го сториме сето ова, повикајте ја мајчинската заштита на Пресвета Богородица – Мајка на свештениците и Мајка на надежта – за секој од нас сè повеќе да го усогласи своето срце со Срцето Христово.“

Ватикан њуз/к.мк

Категорија: Ватикан, Вести

За авторот