Царството Божјо не е спектакл, ниту карневал, не сака огласување. Светиот Дух дава да расте, а не пасторалните планови – истакна папата Фрањо на утринската Литургија која ја служеше на 16 ноември 2017 година во капелата на домот Света Марта, коментирајќи го евангелскиот дел од Евангелието според Лука.(сп. Лука 17,20-25). За проповедта на Папата клучно е прашањето кое го поставија фарисеите на Исус: Кога ќе дојде царството Божјо?
Едноставно прашање кое се раѓа и од доброто срце – напомена Светиот Отец. На пример, кога Иван Крстител е затворен, ги праќа своите ученици да го прашаат Исус дали е оној кој треба да дојде или да чекаат друг. Но тоа е прашање кое го поставува и еден од разбојниците на крстот. Одговорот на Исус гласи: царството Божјо е меѓу вас. Царството Божјо постојано расте – забележа Папата.
Но кој дава да расте тоа семе, кој овозможува да изникне? – праша папата Фрањо. Тоа е Бог, Светиот Дух кој е во нас. А Светиот Дух е дух на благост, понизност, послушност, едноставност. Тој е оној кој дава во нас да расте царството Божјо, а не пасторалните планови или некои други големи работи. Духот е тој кој тоа го прави сокриено, кој дава да расте Царството до моментот кога плодовите ќе бидат видливи.
Во случајот на добриот разбојник Папата прашува кој го посеа семето на царството Божјо во неговото срце: можеби неговата мајка или некој рабин кога го објаснувал Законот. Потоа можеби заборавил, но во одреден момент на сокриеност Светиот Дух дава да расте. Сето тоа укажува дека Царството Божјо секогаш е изненадување, бидејќи е дар Господов.
Царството Божјо не се отсликува арогантно и горделиво – продолжи Светиот Отец: Не сака огласување, туку е понизно и така расте во скриеност. Мислам на сите оние кои ја гледале Богородица, додека го следела Исус и си зборувале: „Но тоа е мајка му!“ Таа е најсветата жена, но била настрана, во сокриеност, никој не го познавал таинството и светоста на царството Божјо. А кога била под крстот на својот Син, луѓето зборувале: „Бедна жена, за син има злосторник, бедна жена!“ Никој не знаел – истакна Папата.
Царството Божјо е пат и сите сме повикани да појдеме на тој пат. Но тоа е милост, Божји дар кој не може да се купи. Сите ние кои сме крстени во себе имаме Свет Дух. Поради тоа мораме да се прашаме: Каков е мојот однос со Светиот Дух, кој дава во мене да расте царството Божјо. Исто така, навистина ли верувам дека царството Божјо е меѓу нас, дека е сокриено или пак повеќе ми се допаѓа некој спектакл? – рече Светиот Отец.
Својата проповед Светиот Отец ја заврши поттикнувајќи нѐ од Светиот Дух да побараме да ни даде милост во нас и во Црквата да даде да расте царството Божјо како би станало големо, како би овозможиле прибежиште за многу луѓе и да даде плодови на светост.
РВ/к.мк