Папата: Светиот Дух воведува во вистината, обновува и дава плодови

Светиот Дух делува така што воведува во вистината, ја обновува земјата и дава плодови – истакна папата Фрањо во хомилијата, славејќи Литургија за Педесетница на 24 мај во базиликата Свети Петар.

Светиот Дух делува така што воведува во вистината, ја обновува земјата и дава плодови – истакна папата Фрањо во хомилијата, славејќи Литургија nа Педесетница во базиликата Свети Петар. Дарот на Светиот Дух кој Исус на учениците го дал по воскресението се повторува на денот на Педесетница, проследен со чудесни знаци. Со апостолите била и Марија Исусовата Мајка првата ученичка на Мајката Црква која што е родена. Со својот мир, насмевка и мајчинство таа ја придружува со радост младата свршеница Исусовата Црква – рече Папата.

Исус во Евангелието им ветил на учениците дека Светиот Дух „ќе ги воведе во вистината“, го нарекува „Дух на Вистината“ кој прави да ги разбираат Христовите зборови и дела – особено смртта и воскресението. Благодарение на Светиот Дух – објасни Папата – ја сфаќаат „полнината на вистината“; имено дека Исусовата смрт не е негов пораз, туку најголем израз на Божјата љубов која во воскресението ја победила смртта и го прослави Исус како жив Господ, Откупител на луѓето, историјата и светот.

Тој настан – на кој тие се сведоци – станува радосна вест која треба да се навестува на сите– истакна папата Фрањо. Апостолите кои не можеле да ја поднесат соблазната на маката на својот Учител, Духот Свети ги воведува во вистината и убавината на спасителскиот настан. Со Светиот Дух тие луѓе кои првин биле премногу исплашени и затворени во собата, сега повеќе не се срамат да бидат Христови ученици и не се плашат од човечките судови.

Понатаму, Светиот Дух ја обновува земјата како што пее псалмистот. Светиот Дух Кој Христос го испрати и Духот Создател Кој на сè му дал живот тие се еден ист Дух. Заради тоа почитувањето на создаденото е барање на нашата вера. Според зборовите на Папата „градината“ во која живееме не ни е доверена за да ја експлоатираме, туку за да ја обработуваме и да се грижиме за неа со почит. Меѓутоа, тоа е можно само ако Адам – човекот – даде да го обнови Светиот Дух, да го преобрази по примерот на Христос, новиот Адам – нагласи Светиот Отец.

На крајот Светиот Дух дава плодови. Како што наведува свети Павле од една страна се „делата на телото“ кои се дела на себичен човек, затворен за делувањето на Божјите милости, а наспроти нив се крепостите кои се раѓаат во животот со Духот: љубовта, радоста, мирот, великодушноста, долготрпеливоста, добрината, верноста, благоста, воздржливоста.

Да бидеш затворен за Светиот Дух не е само недостаток на слобода, туку и грев – рече Папата, објаснувајќи како постојат бројни начини на затворање за Духот: себичност, цврст легализам, заборав за Исусовата наука, христијански живот не како служење, туку како личен интерес и други. Меѓутоа на светот му се потребни плодовите на Светиот Дух. Затоа Папата на крајот молеше зајакнати со Духот и неговите дарови бескомпромисно да се бориме против гревот и корупцијата кои – како што рече – секој ден сѐ повеќе расте и да се посветиме на делата на праведноста и мирот.

РВ/Д.И.

Не е дозволено преземање на оваа содржина или делови од неа за понатамошно користење во печатена, дигитална или било која друга форма на умножување без писмена дозвола од редакцијата на Католици.мк
Категорија: Ватикан

За авторот