Папата: Расипникот не бара Божјо простување

Да Го молиме Господ слабоста која нè наведува на грев да не се претвори во расипништво – поттикна Светиот Отец во проповедта на утринската света Литургија во петок 29 јануари 2016 година во капелата на домот Света Марта.

Говорејќи за библискиот настан за царот Давид и Вирсавија, Папата истакна како ѓаволот ги наведува расипниците да не ја чувствуваат потребата за Божјото простување.

Може да се греши на многу начини, а може од Бог искрено да се бара прошка за сè и да бидеме сигурни дека ќе добиеме простување. Проблемот е пак кога е во прашање некој расипник, бидејќи тој нема потреба да бара простување, доста му е моќта на која се наслонува неговото расипништво – заклучи Светиот Отец додавајќи:

Кога Давид се заљуби во Вирсавија, жената на својот службеник Урија кој беше на боиштето, мислеше дека Бог не му е потребен. После заведувањето на жената, дознавајќи дека е трудна, Давид смислуваше како да ја сокрие прељубата, што го слушнавме во првото литургиско читање. Значи Давид на верен човек, верен на законот, царот и народот му подготвуваше смртна стапица, го осуди на смрт – рече папата Фрањо додавајќи:

Давид е светец и грешник. Попушти пред похотата, меѓутоа Бог го сака. Големиот и крепостен Давид се чувствува сигурен, бидејќи тоа било моќно царство, па се обиде да скова заговор и нарача убиство на верен човек, кое го прикажа како војна несреќа – рече Папата.

Тоа што му се случи на Давид, на сите може да ни се случи: од грев да преминеме во расипништво. Давид го направи првиот чекор кон расипништвото. Имаше моќ и сила. Расипништвото е грев кој можеме да го направиме сите ние кои имаме црковна, економска или политичка моќ… Бидејќи ѓаволот нè прави сигурни: ’Тоа јас ќе го направам’ – заклучи Светиот Отец.

Расипништвото, од кое Давид по милоста Божја ќе се ослободи, го нагриза срцето на „храброто дете“ кој со прачка и пет камења се соочи со Голијат. Би сакал денес да го истакнам само ова: во нашиот живот има моменти кога гревот се претвора во расипништво, а тоа се случува кога сме сосема сигурни, т.е. кога народот нè обожава и кога имаме голема моќ – рече Папата додавајќи:

Бог секогаш простува. Меѓутоа кај расипништвото најлошо е тоа што расипникот не чувствува потреба да бара простување… Да се помолиме денес за Црквата, поаѓајќи од себе, за Папата, за бискупите, свештениците, монасите, верниците лаици: Господи, спаси нè од расипништво. Сите сме грешници, Господи, меѓутоа не дозволувај да западнеме во расипништво! Молиме за таа милост – заврши папата Фрањо.

РВ/С.С.

Не е дозволено преземање на оваа содржина или делови од неа за понатамошно користење во печатена, дигитална или било која друга форма на умножување без писмена дозвола од редакцијата на Католици.мк
Категорија: Ватикан

За авторот