Папата Фрањо телефонски разговараше со украинскиот претседател Володимир Зеленски, кој му се заблагодари на Папата за неговите постојани молитви додека нацијата трпи постојана агресија.
Телефонскиот разговор меѓу папата Фрањо и украинскиот претседател Володимир Зеленски се одржа во петокот, 12 август 2022 година, скоро шест месеци по почетокот на војната во Украина.
Нивниот разговор е дел од често изразената солидарност на Папата со целиот украински народ.
Претседателот Зеленски ја објави веста преку Твитер. Двајцата соговорници зборуваа за ужасите што ги претрпе украинскиот народ по инвазијата на Русија на 24 февруари, а претседателот му изрази благодарност на Папата за неговите молитви.
„На нашиот народ му е потребна поддршка од светските духовни водачи кои треба да му ја пренесат на светот вистината за ужасните дела извршени од агресорот во Украина“, напиша претседателот.
Набргу потоа, во друга Твитер порака, украинскиот амбасадор во Светиот Престол, Андриј Јураш, даде дополнителна информација за телефонскиот разговор, истакнувајќи дека „украинската држава и општество со задоволство ќе го поздрават Светиот Отец“, изразувајќи надеж за посета на Папата Фрањо во Киев.
Други разговори
Папата и претседателот Зеленски претходно двапати разговараа, преку телефон и видео повик.
Говорејќи во италијанскиот парламент на 22 март, претседателот Зеленски го спомна неговиот разговор со папата Фрањо, истакнувајќи дека Светиот Отец кажал „многу важни зборови“.
Претходно, на 26 февруари, два дена по руската инвазија, двајцата соговорници разговарале по телефон.
За време на тој разговор, папата Фрањо му изрази на претседателот Зеленски „најдлабоката тага за трагичните настани што се случуваат во земјата“.
Набргу потоа, претседателот Зеленски изјави: „Му се заблагодарив на Папата што се моли за мир и за примирје во Украина. Украинскиот народ ја чувствува духовната поддршка на Неговата Светост“.
Апелите на Папата
Во многу наврати од почетокот на конфликтот, мислите на Папата беа насочени кон украинскиот народ.
На неговата последна Генерална аудиенција, на 10 август, папата Фрањо изрази жалење за актуелните страдања на украинскиот народ, „кој сè уште страда од оваа сурова војна“. Упати и посебна мисла за „многуте мигранти кои постојано пристигнуваат“.
Во текот на овие месеци, Папата постојано апелираше светот да не ја заборави војната во Украина, ниту да се измори да ги пречекува оние кои се принудени да ги напуштат своите домови во потрага по мир.
Ватикан њуз/к.мк