Папата разговараше со жени ослободени од присилна проституција
Во рамките на таканаречените „милосрдни петоци“ папата Фрањо во петок, 12 август 2016 година околу 17.00 часот се сретна со заедницата „Иван XXIII“ основана од дон Оресте Бенци. Таму Папата разговараше со 20 жени, кои се ослободени од присилна проституција. Според Канцеларијата за печат при Светиот Престол жените потекнуваат од Романија, Албанија, Нигерија, Тунис, Италија и Украина, а нивната просечна возраст е околу 30 години. Врз сите од нив е извршено насилство и живеат со полициска заштита во оваа католичка заедница на северниот дел од Рим.
Со оваа посета папата Фрањо уште еднаш сака да посочи на злото со присилната проституција и трговијата со луѓе – стои во соопштението од Ватикан.
Во текот на Светата година на милосрдието папата Фрањо во еден петок од месецот посетува одредени институции. Во јануари посети дом за нега, во февруари посети една заедница во Кастелгандолфо, која се грижи за зависници од дрога. Потоа во март посети бегалски ценатр, во мај се сретна со психички болни лица во Чијампино, во јули беше во Аушвиц и во една детска болница во Краков.
РВ/к.мк
Не е дозволено преземање на оваа содржина или делови од неа за понатамошно користење во печатена, дигитална или било која друга форма на умножување без писмена дозвола од редакцијата на Католици.мк