Во говорот упатен до учесниците на Меѓународната конференција за ксенофобија, расизам и популистички национализам во контекст на миграцијата во светот, папата Фрањо ги поттикна христијаните да се ангажираат во борбата против ксенофобијата и расизмот, и во промовирањето на достоинството на сите луѓе.
Ако Господ на последниот суд ќе нѐ потсети: „странец бев и не ме примивте“, денес веќе нѐ прашува: „странец сум зар не ме препознавате?“ Со тие зборови папата Фрањо ја истакна моралната одговорност на христијаните во запирањето на ширењето на новите облици на ксенофобија и расизам, и во промовирањето на почитувањето на достоинството на секое човечко битие. Тоа го направи во говорот подготвен за аудиенцијата на која ги прими 200 учесника на Меѓународната конференција за ксенофобија, расизам и популистички национализам во контекст на светската миграција која во Рим ја организираше Дикастеријата за промовирање на интегрален човеков развој и Светскиот совет на Цркви во соработка со Папскиот совет за единство на христијаните.
Кој го прифаќа Евангелието сите луѓе ги смета за браќа, обединети во Христос
Папата не го прочита говорот, туку го подели текстот за да може поединечно да ги поздрави сите учесници кои ги предводеше кардиналот Петер Турксон, а меѓу кои беа претставници на Обединетите нации, Советот на Европа, христијанските Цркви, посебно Екуменскиот совет на Цркви, како и други религии. Во напишаниот текст папата Фрањо истакнува дека достоинството на сите луѓе е важно единство на човечкиот род и повик да се живее како браќа, ја има потврдата и се зајакнуваат во таа мерка во која се прифаќа Радосната вест дека Христос сите нѐ собра и спаси. Притоа Светиот Отец ги наведе зборовите од Посланието на свети Павле до Галантјаните: „Нема веќе ни Јудејци, ни Елини, ни роб, ни слободен; нема машки пол, ни женски; зашто сите вие сте едно во Христа Исуса.“
Христијанинот му служи на Христос кој е отфрлен во браќата странци
За христијанинот другиот човек не е само битие кое треба да се почитува заради неговото вродено достоинство, туку пред сѐ брат или сестра која треба да се сака – истакна Папата и објасни: Во Христос толеранцијата се претвора во братска љубов, во нежност и во делотворна солидарност. Тоа најмногу важи во однос на најмалите браќа, како што се туѓинците, странците, со кои самиот Исус се поистоветува.
Навистина – продолжува Папата – да се биде христијанин е повик на одење против струјата, на препознавање, прифаќање и служење на самиот Христос отфрлен од браќата. Заради тоа се надевам – рече папата Фрањо потсетувајќи на бројните веќе остварени, изрази на близина, прифаќање и интеграција покажани на странците – дека од оваа средба ќе произлезат бројни други иницијативи на соработка за да можеме заеднички да градиме поправедно и посилидарно општество.
Станува збор за иницијативи кои навистина се потребни денес, во времето – како што истакна Папата – во кое изгледа дека оживуваат и дека се шират чувства кои за многумина изгледаат надминати, а тие се чувствата на сомнежи, стравови, презир, па дури и омраза кон поединци или групи кои се сметаат за поинакви заради нивната етничка, национална или верска припадност, и заради тоа се сметаат дека не се доволно достојни за целосно учествување во животот на општеството – рече Светиот Отец. Тие се чувства – објасни Папата – кои премногу често поттикнуваат на изразување на нетолеранција, дискриминација или исклучување. (…)
Повик за семејството, воспитувачите, едукаторите и верските водачи
За да се промовира почитување на достоинството на секој човек, Папата повикува на ангажирање најпрво на семејствата во кои – како што истакна – од најнежната возраст ги учат вредностите на делење, прифаќање, братство и солидарност. Потоа педагозите и воспитувачите за да поучуваат да се почитува секое човечко битие, и работниците во социјалната комуникација за да ја поддржуваат културата на средба и отворање кон другиот и тоа со взаемно почитување на различноста. И на крајот водачите на сите религии, кои папата Фрањо ги повикува меѓу своите верници да ги шират етичките начела и вредности кои Бог ги врежал во срцето на човекот, како што е светоста на човечкиот живот, почитувањето на достоинството на секој човек, љубовта, братството кои одат понатаму од толеранцијата, и солидарноста.
Недовербата кон странците поддржува искористување
Потоа Светиот Отец со остри зборови се осврна на оние кои излекуваат економска корист од атмосферата на недоверба кон странците, во која нерегуларноста или нелегалноста на престојот поттикнува и поддржува систем на несигурност и искористување, и тоа понекогаш на такво ниво што доаѓа до вистински облик на ропство. Тие луѓе би требало да направат длабок испит на совеста, затоа што еден ден мора да одговараат пред Бог за своите одлуки и дела – истакна на крајот папата Фрањо.
Ватикан њуз/к.мк