Папата предупреди на идеолошката колонизација

Папата предупреди на идеолошката колонизација

Како дел од „покајничкото ходочастие“ во Канада, во средата на 27 јули во Квебек, папата Фрањо се сретна со граѓанските власти, дипломатскиот кор и претставниците на домородното население и во говорот го изрази својот длабок срам и тага, барајќи прошка за злото што христијаните им го направиле на домородните народи.

Симболот par excellence  што ја претставува Канада – јаворовиот лист – беше централната слика во обраќањето на Папата, потсетувајќи ги официјалните лица на важноста да се учи од домородните народи, да се слушаат, дијалогот, мултикултурализмот, грижата за најранливите и заедничкиот дом. Зборувајќи за страдањата на домородните народи, Папата повторно побара прошка за злото направено од христијаните: „Трагично е кога некои верници, како што се случи во тој период од историјата, се прилагодуваат на конвенциите на светот, а не на Евангелието.

Важни учења на домородните народи

Јаворот го чува сеќавањето на многу минати генерации – домородните народи ваделе јаворов сок од него, правејќи од него сирупи. Тоа ја покажува нивната трудољубивост и постојана грижа за зачувување на земјата и животната средина, во верност на хармоничната визија за созданието како отворена книга која го учи човекот да го сака Создателот и да живее во симбиоза со другите живи суштества, истакна Папата. Како што рече, можеме многу да научиме од оваа способност внимателно да ги слушаме Бога, луѓето и природата, кои навистина ни се потребни среде вртоглавото и избезумено темпо на денешниот свет.

„Колку многу е неопходно да се слушаме и да разговараме еден со друг, за да отстапиме од преовладувачкиот индивидуализам, од избрзаните судови, раширената агресивност и искушението да се подели светот на добри и лоши!“ – рече Светиот Отец.

Големиот јаворов лист, кој го апсорбира загадениот воздух и за возврат ослободува кислород, нè повикува да се восхитуваме на убавината на созданието и да ги цениме здравите вредности присутни во домородните култури. Тие можат да нѐ вдахноват и да ни помогнат да ги излечиме штетните тенденции за искористување – не само на сè што е создадено, туку и на времето и односите.

Молба за простување

Меѓутоа, овие учења наидоа на жесток и насилен отпор во минатото, нагласи Папата, потсетувајќи на политиката на асимилација и резиденцијални училишта. Во тој суров систем учествуваа и различни локални католички институции, а Светиот Отец уште еднаш ја изрази својата срам и тага.

„Го изразувам мојот длабок срам и тага и, заедно со бискупите на оваа земја, ја повторувам мојата молба за простување за злото што толку многу христијани го направија врз домородните народи. За сето тоа барам прошка. Трагично е кога некои верници, како што се случи во тој период од историјата, се прилагодуваат на конвенциите на светот, а не на Евангелието“, рече Светиот Отец.

Христијанската вера одигра важна улога во обликувањето на највисоките идеали на Канада, карактеризирани со желбата да се изгради подобра земја за сите нејзини луѓе. Во исто време, истакна Папата, признавајќи ги своите грешки, неопходно е да се работи заедно за да се постигне целта: да се промовираат легитимните права на домородното население и да се работи во корист на процесот на исцелување и помирување.

Светиот Престол и локалните католички заедници се посебно ангажирани во промовирањето на домородните култури преку специфични и соодветни форми на духовна придружба што вклучува внимание на нивните културни традиции, обичаи, јазици и образовни процеси, во духот на Декларацијата за правата на Обединетите нации на домородните народи, додаде папата Фрањо. Желбата, продолжи тој, е да се обноват односите меѓу Црквата и домородните народи во Канада.

Идеолошка колонизација

Историјата на „страдање и презир“, плод на колонијалниот менталитет, не заздравува лесно, рече Папата, наведувајќи дека е неопходно да се знае дека колонизацијата сè уште постои – на многу места таа се преобразува и се крие. Таков е случајот со облиците на идеолошка колонизација, посочи тој, истакнувајќи дека има бројни такви колонизации кои се судираат со реалноста на животот, ја задушуваат природната приврзаност на луѓето кон нивните вредности и се обидуваат да ги искоренат нивните традиции, историја и религиозни врски.

Таквиот менталитет, дрско мислејќи дека мрачните страни на историјата се зад нас, станува отворен за „култура на откажување“ која би го осудила минатото исклучиво врз основа на некои современи категории. Резултатот, предупреди Папата, е културната мода која ги елиминира разликите, правејќи ги сите исти, која е нетолерантна кон разликите и се фокусира на сегашниот момент, на потребите и правата на поединците, а честопати ги занемарува своите должности кон најслабите и најранливите меѓу нашите браќа и сестри: сиромашните, мигрантите, постарите, болните, неродените… Тие се заборавени во „богатите општества“; тие се оние кои, среде општа рамнодушност, се отфрелни како суви лисја за горење.

„Напротив, богатите разнобојни лисја на јаворот нè потсетуваат на важноста на целината, важноста да се развиваат човечки заедници кои не се хомологни, туку вистински отворени и инклузивни“, рече Папата.

Домородните народи можат да нè научат за грижата и заштитата на семејството

Понатаму, Папата истакна дека семејствата се клучната алка на општеството низ која „поминува иднината на човештвото“. Тоа е првата конкретна општествена реалност, но е загрозена од многу фактори: семејно насилство, забрзано темпо на работа, индивидуалистички начин на размислување, суров кариеризам, невработеност, осаменост и изолација на младите, напуштање на старите и немоќните… Домородните народи имаат многу да нѐ научат за грижата и заштита на семејството, истакна Светиот Отец.

Лекувајте го непријателството, екстремизмот и омразата

Во војна војниците ги користеле јаворовите листови за завои и за ублажување на раните. Денес, соочени со бесмисленото лудило на војната, рече Папата, уште еднаш треба да ги залечиме облиците на непријателство и екстремизам и да ги залечиме раните на омразата.

Повторно нагласи дека трката за вооружување и стратегиите за одвраќање нема да донесат мир и безбедност и дека се потребни креативни и далекувидни политики кои можат да ги надминат категориите на опозицијата за да дадат одговори на глобалните предизвици.

Глобални предизвици

Големите предизвици на нашето време, како што се мирот, климатските промени, последиците од пандемијата и меѓународните миграциски движења, имаат еден заеднички именител: тие се глобални; ги засегаат сите, истакна Светиот Отец.

„Бидејќи сите укажуваат на потребата да се гледа во целина, политиката не може да остане затворена во партиските интереси. Мораме да можеме да гледаме, како што учи мудрата домородна традиција, седум генерации нанапред, а не на нашата непосредна корист, на следните избори или на поддршката на ова или она лоби“, рече Светиот Отец.

За да се зачува сеќавањето и мудроста, рече Папата, потребно е да се слушаат постарите, но за да продолжиме кон иднината треба да ги прифатиме и соништата на младите. Тие заслужуваат подобра иднина од онаа што ја подготвуваме за нив; тие заслужуваат да бидат вклучени во одлуките за градење на денешниот и утрешниот свет, а посебно за заштитата на нашиот заеднички дом; во оваа смисла, вредностите и учењата на домородните народи се драгоцени, истакна тој.

Мултикултурализмот на Канада

Во скиците поднесени за создавање на канадското знаме, речиси сите содржеле јаворов лист. Конвергенцијата околу овој заеднички симбол го поттикна Папата да размислува за клучниот збор за сите Канаѓани: мултикултурализам.

„Со своите повеќекратни врвови и страни, јаворовиот лист нè потсетува на полиедар; ова кажува дека сте способни за вклучување, за новодојдените да најдат место во ова повеќекратно единство и да му дадат свој личен придонес“, рече Светиот Отец.

Тоа е постојан предизвик, рече Папата, благодарејќи на Канаѓаните за великодушното прифаќање на многу украински и авганистански мигранти. Неопходно е да се надмине реториката на страв од имигрантите и да им се обезбеди, во согласност со можностите на земјата, конкретна можност за одговорно учество во општеството.

Грижа за најслабите

Завршувајќи го својот говор, папата Фрањо уште еднаш потсети на сиромашните, „бездомниците кои се потпираат на Црквата и социјалните служби за да добијат помош и утеха“, кои исто така се во голем број во Канада. Тоа се браќа и сестри кои нè охрабруваат да размислиме за итноста да се поправи „радикалната неправда што го загадува нашиот свет“. Во северноамериканската земја, заклучи Папата, дури и меѓу домородците има висока стапка на сиромаштија, ниско ниво на образование и тежок пристап до домови и здравствена заштита. Оттука и охрабрувањето на Папата да се направат „економски и социјални избори насочени кон споделување и грижа за сиромашните“. Како што рече на крајот Светиот Отец, само со заедничка работа можеме да одговориме на денешните итни предизвици.

Потпис во Книгата на честа

Светиот Отец, исто така, се запиша во Книгата на честа во Цитадела де Квебек. Неговата посветеност гласи: „Ходочасник во Канада, земја која се протега од море до море, го молам Бога оваа голема земја секогаш да биде пример во градењето на иднината со зачувување и вреднување на нејзините корени, особено домородните народи и да биде гостопримлив дом за сите“.

Ватикан њуз/к.мк

 

Категорија: Ватикан, Вести

За авторот