Во пресрет на Меѓународниот ден на човечкото братство, кој се слави на 4 февруари, по катехезата на Генералната аудиенција во среда 2 февруари 2022 година, папата Фрањо рече дека денес е време на братството и ги повика сите да ги преземат неопходните чекори за да се избегнат поделбите меѓу народите.
Ова ќе биде втор Меѓународен ден на човечкото братство, а Светиот Отец рече дека тоа е причина за задоволство, бидејќи луѓето ширум светот се приклучуваат на прославата чија цел е промовирање на меѓурелигискиот и меѓукултурниот дијалог, како што е наведено во Документот за човечкото братство за светски мир и заедничко живеење.
Документот за човечко братство беше потпишан од папата Фрањо и големиот имам на Ал-Азхар, Мухамед Ахмад ал-Тајиб, на 4 февруари 2019 година во Абу Даби.
Братството, објасни Папата, значи да се пристапи до другите, да се почитуваат и да се слушаат со отворено срце. Тој изрази надеж дека луѓето ќе преземат конкретни чекори, заедно со верниците од другите религии и луѓето со добра волја, како би потврдиле дека денес е време на братство и да се избегне поттикнување конфликти, поделби и затворања.
Да се молиме и да се посветиме секој ден, за да можеме сите да живееме во мир како браќа и сестри, заврши Папата.
Ватикан њуз/к.мк