Папата посети болница во Либан: Не можеме да ги заборавиме најкревките

Папата посети болница во Либан: Не можеме да ги заборавиме најкревките

На последниот ден од своето прво апостолско патување, папата Лав XIV ја посети болницата „Ла Кроа“ во Џал Ед Диб, една од најголемите болници за лица со ментална попреченост на Блискиот Исток, и ја пофали работата на монахињите и персоналот кои се посветуваат на грижата за најранливите.

Започнувајќи го својот трет ден во Либан и последен ден од патувањето, папата Лав XIV го помина вторникот наутро, 2 декември 2025 година, во посета на болницата Ла Кроа во Џал Ед Диб – една од најголемите болници за лица со ментална попреченост на Блискиот Исток.

Основана во 1919 година од блажениот отец Жак Хадад, таа била претворена во психијатриска болница во 1937 година, а во 1951 година во болница за лица со ментални попречености.

Во своето обраќање, Папата го изрази своето задоволство од посетата на болницата и ја објасни својата желба да ја посети.

„Сакав да дојдам затоа што Исус престојува на ова место: во вас кои сте болни и во вас кои се грижите за болните – сестрите, лекарите, сите здравствени работници и персоналот.“ Тој, исто така, ги увери сите присутни дека се моли за нив.

Неуморен апостол на милосрдието

Размислувајќи за основањето на болницата, Светиот Отец потсети на отец Жак како на неуморен апостол на милосрдието „кој е запаметен по свет живот, кој го покажа особено преку својата љубов кон најсиромашните и страдалниците“.

Тој ги основа Сестрите Фрањевки од Крстот кои ја продолжуваат неговата работа во грижата за оние во болницата. Папата Лав им се заблагодари на сестрите и на целиот болнички персонал за нивната посветеност на оваа мисија. Тој нагласи дека персоналот е „опиплив знак на милосрдната љубов Христова“.

Како добриот Самарјанин, истакна Папата, тие се грижат за ранетите. Ги охрабри да не ја губат радоста од мисијата, дури и кога чувствуваат замор или обесхрабрување, „особено со оглед на предизвикувачките услови“ во кои често работат.

И покрај овие предизвици, папата Лав ги поттикна да го „имаат пред очи доброто што можат да го постигнат“. Ова, рече тој, е големо дело во Божјите очи.

Да не се заборават најкревките

Работата што се извршува во болницата „претставува јасен потсетник за сите – за вашата земја, но и за целото човечко семејство“. Важно е, нагласи Светиот Отец, да не се заборават најкревките.

Тој рече дека не можеме да создадеме општество кое се движи напред држејќи се до лажни мисли за благосостојба, игнорирајќи ја реалноста на сиромаштијата и ранливоста. „Особено како христијани, како Црква на Господ Исус, ние сме повикани да се грижиме за сиромашните“, објасни Папата. Ова е повикот на Евангелието до секој од нас.

На крајот, Папата ги потсети сите присутни дека се блиску до срцето Божјо. „Тој ве држи на дланка; ве придружува со љубов; и ви ја нуди својата нежност преку рацете и насмевките на оние кои се грижат за вас.“

Тој истакна дека Господ на секој од нив им кажува дека ги сака и се грижи за нив како за Свое дете. „Никогаш не го заборавајте ова“, поттикна папата Лав.

Ватикан њуз/к.мк

Категорија: Ватикан, Вести

За авторот