Папата: Подобро е несовршена, но скромна вера која се враќа кај Исус

Папата: Подобро е несовршена, но скромна вера која се враќа кај Исус

Пред молитвата Царице небесна, Папата се осврна на Евангелието од неделната Литургија во кое се зборува за двете Исусови објави на учениците и средбата со Тома, кој нè претставува сите нас и нашата тешкотија да веруваме. Подобро е несовршена, но скромна вера која се враќа кај Исус објасни Папата – отколку силна, но вообразена вера што нè прави горди и арогантни.

Во нашите моменти на криза, кога сме уморни, Исус, Воскреснатиот, сака да се врати и да биде со нас. Тој само чека да го побараме, донесувајќи му ги на Него, како Тома, нашите потреби и нашето неверување, за да му се вратиме, на неговото простување, на оние рани што нѐ излечија. Без страв, зашто Господ не бара совршени христијани. Така ќе станеме способни и за сочувство, за пристап до туѓите рани без предрасуди – со овие зборови папата Фрањо, пред молитвата Царице небесна на 24 април 2022 година, го толкуваше Евангелието на неделната Литургија пред околу 40.000 верници собрани на плоштадот Свети Петар.

И ние сме како Тома

Зборувајќи за апостол Тома и Исус, Папата истакна дека Тома нè претставува сите нас. И за нас, како тој ученик, понекогаш е тешко: како можеме да веруваме дека Исус воскреснал, дека не придружува и дали е Господ на нашите животи, ако не сме го виделе, ниту пак допреле? Како може да се верува во тоа? – праша Папата. Зошто да не ни даде некој појасен знак за неговото присуство и неговата љубов? Некој знак да го видиме подобро… Еве и ние сме, како Тома, со истите сомнежи, истото размислување – истакна Светиот Отец.

Христијани кои веруваат дека се совршени

Но, не треба да се срамиме од тоа – објасни тој – бидејќи, зборувајќи за Тома, Евангелието ни кажува дека Господ не бара совршени христијани, кои никогаш не се сомневаат и секогаш се фалат со сигурна вера. Кога христијанинот е таков, нешто не е во ред – додаде Папата и истакна: Се плашам кога ќе видам христијанин, некое здружение на христијани кои веруваат дека се совршени.

Кризите на верата нè прават понизни

Авантурата на верата се состои од светла и сенки. Каква вера би било тоа инаку? Затоа таа знае време на утеха, занес и ентузијазам, но и на замор, збунетост, сомнеж и нејаснотија. Евангелието ни ја покажува „кризата“ на Тома за да ни покаже дека не треба да се плашиме од кризата на животот и верата. Кризите не се грев, тие се пат – рече папата Фрањо и објасни: Тие често нè прават понизни, бидејќи нè лишуваат од верувањето дека сме подобри од другите. Кризите ни помагаат да препознаеме дека сме во потреба; тие ја оживуваат потребата за Бога и на тој начин ни дозволуваат да се вратиме кај Господа, да ги допреме неговите рани, повторно да ја доживееме неговата љубов, како првиот пат. Подобро е несовршена, но скромна вера, која секогаш се враќа кај Исус, отколку силна, но вообразена вера што нè прави горди и арогантни.

Исус се враќа, дури и зад затворени врати

Што прави Исус наспроти таквото однесување на Тома, кое често е и наше? Исус не се откажува, не се изморува од нас, не се плаши од нашите кризи и слабости. Тој секогаш се враќа: кога вратата е затворена, тој се враќа; кога се сомневаме, тој се враќа; како и Тома, кога треба да го сретнеме и да го допреме одблиску, тој се враќа. Тој секогаш се враќа, и тоа не со силни знаци кои би направиле да се чувствуваме мали и несоодветни, дури и засрамени, туку покажувајќи ни ги своите рани, знаци на неговата љубов која ги прифатила нашите слабости.

Во следната криза да ги бараме неговите рани

Затоа, посебно кога сме уморни или кога имаме моменти на криза, Исус Воскреснатиот сака да се врати и да биде со нас – рече Папата. Само чека да го побараме, да му се јавиме. Се враќа затоа што е трпелив и милостив. Тој доаѓа да ги отвори просторите на нашите стравови и нашето неверување, бидејќи секогаш сака да ни даде уште една шанса. Затоа, да се потсетиме на последниот пат кога, во тешко време или криза, се затворивме во себе, се забарикадиравме во нашите проблеми оставајќи го Исуса надвор од куќата. И да си ветиме дека следниот пат, во тешкотии, ќе го бараме Исус, ќе му се вратиме на неговото простување. Тој секогаш простува, секогаш! – со оние рани што нѐ излечија – рече Папата и на крајот истакна: Така и ние ќе станеме способни за сочувство, без ригидност и предрасуди да им пристапиме на туѓите рани. Со помош на Марија, Мајката на милосрдието.

Категорија: Ватикан, Вести

За авторот