Во пладневното обраќање на крајот од светата Литургија во недела 3 април 2022 година, која Папата ја служеше на Пјацале деи Гранаи во Флоријана, папата Фрањо им се заблагодари на Малтежаните за нивниот пречек и ја повтори хуманитарната трагедија на измачената Украина. Тој посебно ги поттикна младите да се заљубат во Христа и да не ги заборават своите баби и дедовци; трошејќи се за љубовта, нѐ прави да бидеме слободни.
По светата Литургија, на која присуствуваа 20.000 верници, Папата им се заблагодари на властите, свештениците, оние кои работеа во подготовките за посетата, која требаше да се одржи пролетта 2020 година, но беше одложена поради пандемијата. Сакам да изразам благодарност до претседателот на Републиката и властите, браќата бискупи, вам, драги свештеници, монаси и монахињи, и до сите граѓани и верници на Малта и Гоза за пречекот и љубовта што ги добив – рече Светиот Отец. Им благодарам и на оние кои работеа за оваа посета. И би сакал срдечно да ги поздравам браќата и сестрите од различните христијански конфесии и религии што ги сретнав.
Молитва до Богородица за мир
Папата потоа повторно го спомна конфликтот во Украина и хуманитарната трагедија во таа измачена земја, повикувајќи никогаш да не се заморуваме повторно да се молиме и да им помагаме на оние кои страдаат од војната, која тој ја нарече „светогрдие“, како што тоа постојано го истакнува во последните две недели. Господ нека ве придружува и Пресвета Богородица нека ве чува. Сега да се помолиме на неа за мир – поттикна папата Фрањо, мислејќи на хуманитарната трагедија на измачената Украина, која сè уште е бомбардирана. Да не се измориме од молитвата и да им помагаме на оние кои страдаат. Мир на вас!
Заљуби се во Исус
Покрај тоа, папата Фрањо потсети дека верата треба да расте и да се зајакнува, а во тоа помага радоста и дарувањето. На овие острови се вдишува чувството на Божјиот народ. Продолжете така, сеќавајќи се дека верата расте во радоста и се засилува во давањето. Продолжете со синџирот на светост што доведе толку многу Малтежани да му се даруваат на Бог и на ближните. Мислам на Dun Preorġ Prec, канонизиран пред петнаесет години. И на крај би сакал да им се обратам на младите кои се вашата иднина. Драги пријатели, со вас ги споделувам најубавите работи во животот. Дали знаете што е тоа? Радоста да се трошиме љубовта, тао е она што нѐ ослободува. Но, таа радост има име: Исус. Посакувам да се заљубите во Исус, кој е Бог на милосрдието, кој верува во вас, сонува со вас, ги сака вашите животи и никогаш нема да ве разочара. За да продолжите така – додаде Папата – не заборавајте на корените. Разговарајте со постарите, разговарајте со бабите и дедовците.
Сјајното лице на Малта
Вечерва, по средбата со неколку браќа и сестри мигранти, ќе дојде време да се вратам во Рим, но со мене ќе понесам многу моменти и зборови од овие денови. Посебно ќе чувам многу лица во срцето, и блескавото лице на Малта! – рече меѓу другото папата Фрањо.
Ватикан њуз/к.мк