Папата повика употребата на нуклеарната енергија да биде во служба на животот и мирот

Папата повика употребата на нуклеарната енергија да биде во служба на животот и мирот

Папата Лав XIV потсети на 40-годишнината од нуклеарната катастрофа во Чернобил и повика на расудување и одговорност, за секоја употреба на нуклеарната енергија да биде во служба на животот и мирот.

За време на молитвата „Regina Caeli“ на плоштадот „Свети Петар“ во недела, 26 април 2026 година, папата Лав XIV повика на одговорно користење на нуклеарната енергија.

Неговиот апел беше упатен на 40-годишнината од нуклеарната катастрофа во Чернобил, за која рече дека „ја обележала совеста на човештвото“.

„На Божјата милост ги доверуваме жртвите и сите оние што сè уште ги трпат последиците“, рече тој.

На 26 април 1986 година експлодира реактор во советската нуклеарна централа Чернобил, која се наоѓаше околу 90 километри северно од Киев, во Украина. Во несреќата веднаш загинаа 31 лице, а уште 15.000 во следните неколку години како последица од изложеност на радијација.

Во својот апел, папата Лав предупреди на ризикот од користење сè помоќни технологии.

Тој изрази надеж дека при одлучувањето за нуклеарната енергија ќе преовладуваат разумноста и одговорноста.

„Се надевам дека на сите нивоа на донесување одлуки секогаш ќе преовладуваат расудувањето и одговорноста, така што секоја употреба на атомската енергија ќе биде во служба на животот и мирот“, рече Папата.

Ватикан њуз/к.мк

Категорија: Ватикан, Вести

За авторот